Правилната исхрана може позитивно да влијае врз намалувањето на голем дел од последиците од ковид-19, особено оние што се поврзани со намалена енергија, свежина, намален апетит
Дали со здрав и балансиран режим на исхрана може да се избегне коронавирусот, или полесно да се помине, каква храна ни е потребна за здрав имунитет? Каква исхрана треба да се применува во текот на самата болест, а каква по надминувањето, се само дел од прашањата на кои зборуваат нутриционистите Маја Велковска и Викторија Илиоска.
Според нив, исхраната не може да ни помогне да не се заразиме со вирусот, но дефинитивно помага во изградба на здрав имунолошки систем, со кој можеме полесно да ја надминеме болеста.
Не ни е потребен силен имунитет, туку едноставно здрав имунитет, а за здрав имунитет ни треба здрава исхрана и здрав начин на живот. Односно, повеќе овошје и зеленчук, нерафинирани житарици и мешунки, јатки, семки, животински производи во помали количини и во што поприродна форма, доволно вода, соодветен сон и одмор, добро духовно и ментално здравје, физичка активност, прошетки на свеж воздух и сонце.
Лушпите од јачменот и овесот - извор на бета-глукан
Нутриционистот Маја Велковска потенцира дека во текот на самата болест потребна ни е соодветна хидратација, исхрана која ќе нè обезбеди со енергија и со сите нутритиенти што ни се потребни (витамини, минерали, фитонутритиенти и други корисни супстанции), и храна, т.е. супер храна која има и други ефекти освен што ни служи како извор на енергија.
Маја Велкова / Фото: Приватна архива
- Најмногу треба да се внимава на внес на моќни антиоксиданси (црвени овошја, цитрусни овошја, обоени зеленчуци), здрави масти, особено омега 3-масни киселини (ленено семе, чиа семе, ореви, риба итн.), здрави протеини кои не доаѓаат со голема количина на животински масти (мешунки, белки од јајца, јатки, семки, живинско месо, риба), пробиотици (ферментирани зеленчуци, кисела зелка, кефир, суплементи) и супер храна со антиоксидантни, антикоагулантни, антивирусни, антибиотски и други ефекти: куркума, ѓумбир, лук, разни чаеви, цимет итн. - подвлекува Велковска.
Таа додава дека со употреба на некои намирници можат да се ублажат некои симптоми, а и да му се овозможат оптимални услови за работа на имунолошкиот систем, што би ни помогнало за полесно надминување на болеста.
- Пример за тоа како може да ублажиме некои симптоми е чајот од ѓумбир и мед, кој е познат ублажувач на кашлицата. Друг пример би биле некои видови печурки, лушпите од јачменот и овесот кои се познати извори на имуномодулаторот бета-глукан, кој поволно влијае врз работата на имунолошкиот систем, па може да ни помогне да имаме посоодветен и поздрав имунолошки одговор кој ќе спречи појава на посериозни симптоми - вели Велкова.
Kуркума, ѓумбир, цимет за здравје
Велкова препорачува здрава исхрана и здрав начин на живот како прва опција, наместо суплементи, кои треба да се земаат само во консултација со стручно лице.
- Грешката што најчесто се прави е потценување вирусот, т.е. не се грижиме за нашето здравје и за нашиот имунолошки систем и сакаме да се однесуваме како да нема пандемија. И другата крајност е тоа што ја потценуваме природната моќ на имунолошкиот систем, па претеруваме со употреба на суплементи - вели таа.
Како што зборува таа, по надминување на вирусот ни претстои соочување со последиците од вирусот.
- Со исхраната по ковид-19 имаме неколку цели што сакаме да ги постигнеме: да се заштитиме од кардиоваскуларни компликации, да овозможиме смирување на сите воспалителни процеси кои се нормална појава при секаква инфекција, и да овозможиме услови за регенерирање на сè што настрадало за време на инфекцијата. За тоа би ни биле потребни: омега 3-масни киселини, моќни природни антиоксиданси, витамин Д, доволни количини на мелатонин (кој го добиваме со редовен и квалитетен сон, додека во суплементарна форма се употребува само во консултација со стручно лице), здрави протеини и сите други витамини и минерали во доволни количини. Ако зборуваме за намирници, тогаш би се фокусирале на: супер храна која е извор на антиоксиданси и има антикоагулантни својства (куркума, ѓумбир, цимет), моќни антиоксиданси од други извори (црвени и цитрусни овошја, обоени зеленчуци, домат, пиперка), омега 3-масни киселини (ленено семе, ленено масло, риба, рибино масло, чиа семе, ореви, бадеми...); здрави протеини и минерали (белки од јајце, мешунки, семки, јатки). Здрав начин на исхрана и живот треба да се применува цел живот. Најважното на што треба да се фокусираат е да му овозможат оптимални услови за работа на имунолошкиот систем. Најважниот мој општ совет во една реченица би бил: Не однесувајте се како да нема пандемија и не однесувајте се како да немате имунолошки систем.
Со здрав имунолошки систем полесна борба со вирусот
Викторија Илиоска, исто така, е согласна дека ниту здрава исхрана ниту определена суплементација може конкретно да спречи заразување со коронавирусот. Сепак, исхраната во голема мера е вклучена во поддршка на нашиот имунолошки систем, а како што знаеме, во одредени случаи можно е да овозможи подобра приспособеност и побрза реакција на организмот кај пациентите со ковид-19.
Викторија Илиоска / Фото: Приватна архива
- Како дел од основната одбрана на нашите тела против потенцијална небезбедна средина, секоја индивидуа си развива сопствен специфичен имунолошки систем. Тоа што се случува преку храната и нутритиентите не е во буквална смисла „засилување“, туку е всушност голем придонес, поткрепа и оптимизација на одржувањето на нормалната функција на имунолошкиот систем. Правилната исхрана има улога да ги поттикне одговорите на организмот кон патогените и воедно да помогне во спречување развој на хронични воспаленија во организмот кои знаат да бидат основа за многу болести. Истото важи и за ковид-19, колку е оптимизирана работата на имунолошкиот систем, толку и неговата поткрепа и основа ќе биде силна, па така веројатноста организмот полесно да се избори со сите можни компликации на вирусот е поголема - објаснува Илиоска.
8 до 10 чаши вода на ден
Здрава исхрана треба да се практикува пред, за време и по прележување на ковид-19, како и кога тој не би постоел, додава таа.
- Светската здравствена организација (СЗО) во своите препораки за исхрана во текот на соочување со ковид-19 за возрасни личности ги наведе следните насоки што треба да се следат во еден ден: 4 порции овошја, 5 порции зеленчук, 180 г житарици, 160 г месо и/или зрнеста храна (каде што црвено месо може да се јаде еднаш неделно, а бело месо два до три пати неделно) и да се пијат 8 до 10 чаши вода на ден. Цинкот, селенот, витамините Д, А и Ц и аминокиселините аргинин и глутамин беа издвоени од многу научни студии како клучни за опитмизација на нашиот имунитет, кој притоа очекувано полесно би се справил со надворешни нарушувања, а воедно и со ковид-19. За да ги доближиме овие нутритиенти практично, најзастапени се во следните прехранбени намирници: легуминози и зрнеста храна, меѓу кои леќа, грав, наут, грашок, овес, целозрнести житарици. Потоа семки и јаткасти плодови, особено семките од тиква, бадеми, ореви, индиските ореви. Понатаму, риба и морски плодови, меѓу кои лосос, пастрмка, сардини, а и рибиното масло и печурките се одличен избор. Изобилството на свеж зеленчук и овошје, кои за најдобра функција би требало да се разновидни, во многу бои и сезонски достапни, даваат научно потврдено голема поткрепа на имунолошкиот систем и се конектори и поттикнувачи на многу биохемиски функции во нашите тела и воедно со својот состав придонесуваат за подобрена апсорпција на разни минерали од преостанатата храна што ја внесуваме. Да не го изоставам слаткиот компир, како и киноата и хељдата за соодветен растително-протеински внес и есенцијални аминокиселини кои придонесуваат од биосинтеза на протеини, па сè до поткрепа на имунолошкиот систем и многубројни ензимски активности - информира Викторија.
Тука ги додава и моќните состојки – алицинот во лукот, куркуминот во куркумата, капсаицинот во лутата пиперка и ѓумбирот кои не спречуваат појава на ковид-19, но се изобилство на антимикробни, антивоспалителни и антиоксидативни фукнции кои се основа за заштита на нашиот организам.
Поента на здравата исхрана е спречување на проблемите пред да настанат
На прашањето дали преку исхраната можат да се ублажат симптомите таа вели дека
живата храна несомнено може да ни даде свежина, енергија, урамнотежен гастроинтестинален тракт, поткрепен имунолошки систем, здрава циркулација, намалување на болки во мускули, воспаленија на зглобови и многу други симптоми кои со или без ковид-19 се под големо влијание на храната. Но сепак, со храна не може директно да се влијае врз тешка клиничка слика или да се подобри трајното оштетување на белите дробови кое настанало како резултат на ковид-19.
- Затоа нутриционизмот како наука за храната и нејзината улога, има за цел да се едуцира населението за долгорочна промена на своите прехранбени навики, бидејќи само така се постигнува траен позитивен ефект врз сопственото здравје и квалитетен живот. Основната поента на здравата исхрана е спречување на проблемите пред да настанат - истакнува Илиоска.
Преку правилната исхрана може позитивно да се влијае врз намалување на голем дел од последиците од ковид-19, особено оние поврзани со намалена енергија, свежина, намален апетит, а со тоа и побрзо закрепнување.
- Така што во тој случај особено важни се редовните оброци кои содржат доволно протеини, здрави масти и јаглехидрати, но секако да бидат со висок витаминско-минерален статус, а истиот може да се запази само преку воведување на свежа и сезонска храна и што помала термичка обработка. Кога се внесуваат сите витамини и минерали од храната што ја поспочив во текстот погоре и се применуваат тие насоки, тогаш несомнено опоравувањето од Ковид-19 ќе биде побрзо и поефективно - истакнува нутриционистката Илиоска.
Насловна фотографија: Борче Поповски