X
 22.05.2017 Живот

Во име на заборавените девојки

Простете ми сите вие кои можеби би се пронашле во овие редови на искреност, ама навистина нешто длабоко ме поттикна да го кажам, пренесам она што подолго време ми тежи, задава многу неодговорени прашања, дилеми во врска со мажите и нивните избори по кои ги вреднуваат нивните девојки, избранички.


Со секоја чест на исклучоците, но овие редови се за поголемата, генерална група на момци во нашето општество.

Живеејќи како девојка со физичка инвалидност во нашето Скопје, многу често, а посебно во врска со вас мажите, се чувствувам како жив доказ дека вашите ставови и желби драги мои момци , оние кои ги имате и кажувате дека се важни при избор на вашата девојка, не се баш тоа во што би верувала.

Велите, за да бидете среќни, потребна ви е партнерка која би можела да ве разбере, поддржува, биде со вас во тешките моменти итн. Ние девојките со инвалидност исто така ги имаме тие способности да ве разбереме како човек, сочуствуваме со вас и ве насмееме кога ќе ви биде тешко. Но, ние секогаш сме вашиот последен избор, или не доаѓаме во предвид, само затоа што нашето “модерно” општество или “традиционално” семејство ви дало погрешна претстава за нас, убеденост дека ние тоа не го можеме, не го умееме, не знаеме како.

Велите, кога само би имале девојка која нема материјално да ве искористува и би ве сакала само заради вас самиот, а не за сликата која ја оставате пред вашето друштво, општество. Треба да знаете дека ние девојките со инвалидност не сме синоним за “зависност од други”. Меѓу нас постојат храбри девојки кои се високо образовани, успешни во тоа што го работат, кои самите себе се издржуваат а сепак се едноставни. Ви звучи невозможно, посебно во нашево општество и тешко време. Ама кога наместо да ги плаќате скапите пијачки на евтините девојки подобро би погледнале без предрасуди кон нас,  можеби и нема толку да бидете убедени дека ние девојките сме материјалистки.

Велите, една вистинска убава девојка е онаа девојка која е позитивна и со насмевка на убавото лице. Сакам да кажам, меѓу нас има преубави девојки чија насмевка е многу пореална, чие убаво лице блеска радувајќи се на малите убави нешта и слободните пеперутки. Но, тоа е за вас драги момци тешко забележливо затоа што животот ги оставил трагите на нашето тело кое вас не ве привлекува.

Велите, за да ве привлече една вистинска девојка, таа треба да е добра во сексот и да ужива во него. За информација, ние сме сексуални сосема доволно за да ви се допаднеме, само што вашата убеденост во нашата асексуалност ве спречува да погледнете надвор од кутијата, и судите со срцето а не со збунетиот разум.

И за крај драги момци, сакам да ви кажам дека ние девојките со инвалидност знаеме и сме способни да сакаме, дозволуваме да не сакаат, да разбереме, да бидеме убави, среќни, успешни, образовани, сексуални, гладни за љубов.  Само, голем дел од вас едноставно не игнорираат и ниту не помислуваат дека ние сето тоа го можеме, умееме, дека е невозможно да се биде среќен со нас. Доволно е само да ни дадете шанса, еднаква како и на сите други девојки, бидејќи длабоко во душата, ние тоа и сме.

За крај, ве прашувам драги мои момци, зошто една мила и убава девојка која би ви го дала сето она по кое кажувате дека копнеете, уживате, тешко одлучувате да биде ваш избор на девојка, само затоа што има некоја форма на инвалидност??? Зарем не сме сите ние луѓе, еден маж што сака да биде сакан и една жена што сака да биде освоена?!

Пишува: Free Butterfly

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот