X
 22.05.2019 Живот

Индиски доктор-пронаоѓач заслужен за 18 медицински изуми

Д-р Јагдиш Чатурведи не е типичен здравствен работник. Тој е и претприемач.

Уште од 2010 година овој доктор учествувал во создавањето на 18 медицински изуми, а го мотивирале недостатоците што ги уочил во системот за здравствена заштита и нега во Индија.

Лошите услови со кои се сретнал во својата професија, додека бил на стручна пракса како студент, го инспирирале младиот доктор да даде сè од себе за да им помогне на пациентите - и тоа го довело до претприемаштвото. Првата идеја за изум ја имал уште во 2008 година, пред да дипломира.

Сега тој е дел од професионалци што ги користат нивните фрустрации на работа за да дојдат до идеи што ќе им ги решат проблемите.

1
Д-р Јагдиш Чатурведи

- Користевме долги огледала и ламби за да ги прегледаме пациентите, додека мојата болница имаше телевизор со рамен екран и напредна технологија - пишува д-р Чатурведи во неговата книга.

Оттаму му дошла идејата за движечки „ЕNT“ (ear-nose-throat) ендоскоп со дигитална камера во себе. Но, откри дека претприемаштвото е многу различно од тоа да се биде доктор.

- Докторот нема тренинг за тоа како да создаде производ. Навистина се борев - вели тој.

Овој изум во областа на медицинската технологија во практична употреба се најде во 2015 година. Доктор Чатурверди на овој проект работел благодарение на претходното ангажирање во областа на биодизајнот на Универзитетот „Стенфорд“ во Америка, кога конкурирал за стипендија што ја давала владата на Индија.

По враќањето формирал компанија каде што се фокусирал на производството на уреди наменети за медицинскиот пазар, а од оваа ангажираност настанал и апаратот кој помага во хроничниот синузитис и екстрактор на туѓо тело од носот.

Во 2018 година формирал и платформа преку која може да се поврзат сите индиски доктори што истовремено работат на иновација на медицинската технологија.

- Воведувањето на технологијата во системот е полесно кога сте дел од тој систем. Моите изуми не се производ на кој се гледа со очите на една корпорација, туку со очите на еден доктор - објаснува тој.

Доктор Јагдиш Чатурведи завршил на Медицинскиот факултет „Сент Џон“ во Бангалор, се усовршувал во текот на 2012 година преку процес на стипендирање од областа на биодизајнот на Универзитетот „Стенфорд“, а магистерската диплома ја стекнал од областа на претприемаштвото и болничкиот менаџмент во текот на 2013 година. Препознат е како еден од 35. пронаоѓачи до 35-годишна возраст од рецензијата за технологија на Институтот за технологија во Масачусетс во 2016 година. Работи како специјалист за синуси во болницата „Фортис“ во Бангалор, како консултант на операции на уво, грло и нос. Паралелно е пронаоѓач и директор на „Хиих иновејшнс прајвет лимитед“ и е автор на неколку книги.

Освен неговата професија, низ која го води хуманоста, овој доктор е и стендап-комичар.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот