Пронаоѓачот Никола Тесла е признат по својата работа во областа на електричната струја, но и други изуми. Сега научниците откриле нова употреба на еден негов изум.
Макрофлуидниот вентил на Тесла, наречен и вентилот на Тесла, е вид диода за течности во која главниот канал има јамки во форма на солза. Јамките се насочени на таков начин за течноста лесно да поминува во една насока, но не и во обратната насока. Оние што работат со пумпи веројатно се запознаени со овој концепт.
Лејф Ристроф, професор на Универзитетот на Њујорк, објаснува дека работата на Тесла за контрола на протоци и струи на течности била пред своето време. Ристроф е еден од авторите на ново истражување во кое се анализира вентилот на Тесла и неговата примена во 21 век.
Изумот бил патентиран во 1920 г., но сега истражувачите откриле дека со уредот може да се контролираат протоци на течности со различна брзина, односно вентилот подобро функционира со нестабилни протоци кои доаѓаат во импулси и осцилации. Ова би го направило уредот идеален за користење во средини со високи вибрации, пишува Си-нет.
Според Ристроф, изумот би можел да се користи за пумпање на гориво, течност за ладење, лубриканти и други гасови и течности користејќи ги вибрациите во моторите и машините.
- Извонредно е тоа што овој стогодишен изум сè уште не е целосно разбран и може да биде корисен во современите технологии на начини што сè уште не биле разгледани - изјавил Ристроф.
Автор: Ерик Мек
Извор:
cnet.com
Фото: Wikipedia