Д-р Пијеро Анверса, угледен кардиолог од Медицинската школа при Универзитетот „Харвард“ и женската болница „Бригам“ во Бостон, ги лажирал податоците во повеќето негови истражувања. Д-р Анверса ја популаризирал идејата за лекување оштетен срцев мускул со матични клетки.
Иако други лаборатории не успеале да ги повторат неговите откритија, неговата работа довела до создавање на неколку стартап-компании кои развиле нови методи за лекување срцев и мозочен удар, а го инспирирал и клиничкото испитување финансирано од Националниот институт за здравје.
Две установи во кои работел започнале ревизија на неговите истражувања во јануари 2013 година. Во април 2017 година болницата „Бригам“ прифатила да плати 10 милиони долари обесштетување на сојузната влада поради обвинението дека д-р Анверса давал лажни податоци за да го обезбеди финансирањето на неговите истражувања. Кардиологот стекнал слава во 2001 година тврдејќи дека срцевиот мускул може да се регенерира, што било спротивно на научниот консензус. Кога ова би било точно, за пациентите би имало огромно значење. Неговата метода се состоела во земање матични клетки од коскената срж и ставање на тие клетки во срцето.
Како магија, наводно матичните клетки ја поправале штетата на срцето. Првите истражувања биле направени на глувци, а откритието ги збунило научниците. Поради истражувањата биле создадени компании, а едната била водена и од д-р Анверса, а се базирале на тврдењето дека ставањето матични клетки може да го излекува срцето оштетено при срцев удар. Ни на научниците од Универзитетот „Стенфорд“ не им успеало да го повторат тоа што го направил д-р Анверса.
Д-р Ирвинг Вајсман од „Стенфорд“ напишал труд во кој докажува дека клетките од коскената срж вшприцани во срцето остануваат клетки од коскената срж. И од други научни институции пристигнувале слични резултати.
Но, д-р Анверса упорно тврдел дека е во право.
- Вие немате поим како се прави тоа - тврдел тој.
Многу лаборатории продолжувале со обидите, но бројот на неуспеси само растел. Притоа, д-р Анверса тврдел дека и клетките на коскената срж не се потребни за поправање на срцевиот мускул. Според него, срцето има сопствени матични клетки што може да се земат, размножат во Петриев сад и да се стават назад во срцето за да ги заменат и да ги поправат оштетените клетки.
Истражувањето на д-р Анверса, објавено во магазинот „Циркулација“, било повлечено во 2014 година откако коавторите објавиле дека податоците во трудот не се оние што ги откриле.
Националниот институт за срце и бели дробови започна клинички испитувања со ставање матични клетки кај пациенти со срцеви проблеми. Истражувањето е во тек. Но, и понатаму постојат компании кои продаваат матични клетки како терапија за болно срце. Последните неколку години скептичните научници се дистанцирале од истражувањата за други начини на лекување болно срце.
Голем дел од научниците се прашуваат како истражувањето на д-р
Анверса траело толку долго.
- Можеби стручњаците премногу се срамеле да ја кажат вистината - вели д-р Молкентин од Медицинскиот институт „Хауард Хјуџис“.