Владата на денешната седница одлучи дека државјаните на Македонија вратени од странство со хуманитарни летови или конвои кои ќе приложат негативен ПЦР тест за коронавирусот направен во последните 72 часа пред да влезат во земјава, наместо во задолжителен државен карантин, ќе се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација.
- Наместо задолжителен државен карантин, задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство – соопштија од Владата.
Министерот за здравство Венко Филипче во интервју на Телевизија 24, вечерва одговори дека границите се очекува да се отворат кон средината на јуни.
- Тоа е разумен период кога би можеле да се отворат границите – изјави тој, и додаде дека луѓето можат да одат каде било доколку ги почитуваат мерките.