X
 22.05.2026 Образование

Кога младите зборуваат гласно – успехот далеку се слуша!

Студентите на УКЛО повторно покажаа дека знаењето, ставот и моќта на говорот можат да остават силен впечаток. Иван Петрески од Факултетот за безбедност – Скопје е прогласен за најдобар оратор на државниот натпревар по повод Денот на Европа – 9 Мај, организиран од Европското движење во Македонија, во партнерство со Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“ од Брисел. Големиот успех на УКЛО го заокружи и Марија Стојановска од Педагошкиот факултет – Битола, која го освои третото место.

1

На натпреварот, кој се одржа на 20 мај 2026 година, со учество на студенти од повеќе универзитети во државата, Иван Петрески се издвои со говорничките способности на темата „Зошто си заминуваме?“, освојувајќи го првото место и воодушевувајќи ги присутните со својот впечатлив настап и силна порака.

- Учеството на државниот натпревар по ораторство за мене беше важно продолжение на моето искуство во јавното говорење. Освоеното прво место е голема чест и потврда дека пораката што се пренесува со искрен став има сила да допре до публиката. Мојот говор „Добре дојдовте во совршенството“ започнува со иронија и хумор, а потоа преминува во посериозен тон, со цел да ја прикаже реалноста и да поттикне размислување за општествените проблеми. ТРИВИУМОТ на УКЛО беше важен дел од тој процес како искуство што дополнително ме изгради како оратор и ме мотивираше за овој успех - вели Иван.

2

Благодарение на ораторските вештини и убедливиот настап, и студентката од Педагошкиот факултет – Битола, Марија Стојановска е меѓу најдобрите студентски оратори во државата.

- Учеството на ораторскиот натпревар не е само учество, тоа е доказ за силата и умешноста на студентите да застанат зад говорницата и да биде слушнат нивниот глас. Од лично искуство, наградата е доказ за упорноста и љубовта кон ораторството. Искуството да се биде дел од еден ваков настан е, пред сѐ, важно за понатамошното студирање и учествување во секоја активност поврзана со иднината на младите. Зашто младите не мора најгласно да зборуваат за да бидат слушнати, доволно е да не молчат - вели Марија.

4

Инаку, големиот успех за студентите на УКЛО претставува продолжение на нивното учество во рамките на годинашниот УКЛО ТРИВИУМ – настан организиран со боите на Алијансата КОЛОРС, по повод Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, каде што младите преку ораторство, аргументирано и критичко размислување ги споделуваат своите идеи и ставови за современите општествени предизвици.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование