Британскиот физичар Стивен Хокинг во 2017 ја предупредил јавноста дека луѓето ќе мораат да пронајдат нов дом за себе во наредните 200 до 500 години, под услов, дотогаш да преживеат.
Хокинг ги повикал водечките нации да испратат астронаути на Месечината, со цел повторно да се покрене истражувањето на вселената. Исто така, тој навел дека во наредните 30 години би требало да се изгради лунарна база, а до 2025 година би требало да им се овозможи на луѓето да летаат до Месечината.
„Ширењето во вселената во целост ќе ја промени иднината на човештвото. Се надевам дека конкурентските нации ќе се обединат околу една заедничка цел, за сите заедно да се соочиме со предизвиците кои се пред нас. Една нова и амбициозна програма би можела да ги заинтересира младите луѓе за областите како астрофизика и космологија.“
Тој додал и дека Земјата е загрозена во толку многу сфери што му е тешко да остане позитивен.
„Заканите се многу големи и многубројни, а нашите физички ресурси се сушат со алармантна брзина.“
„Време е да ги истражиме и другите соларни системи. Уверен сум дека луѓето ќе мораат да ја напуштат Земјата.“
„Постојат околу илјада ѕвезди кои од Земјата се оддалечени 30 светлосни години. Дури и само еден процент од нив да имаат планети со големина слична на Земјата, имаме десет потенцијално нови светови“, додал
Хокинг. Исто така, тој сметал дека човештвото е на прагот на нова ера.
„Колонизацијата на други планети повеќе не е научна фантастика, туку станува научен факт. Ако човештвото опстои во наредните милион години, нашата иднина ќе биде одење по земја каде никој не ставил нога.“