Нашиот фоторепортер Борче Поповски ја долови реалната слика на две од повеќето диви депонии во Источна Македонија. Фотографираше во околината на селото Киселица и кај манастирскиот комплекс на патот кон планината Голак
Локални диви депонии создадени од населението се честа глетка во околината на Делчево, за што со години нема конкретно решение. Ако една депонија се исчисти, за кратко време се појавува друга.
Најчесто тие се во непосредна близина на селата и регионалниот пат.
Сликите што ги направи нашиот фоторепортер Борче Поповски ја посочуваат реалната слика на терен во околината на селото Киселица и кај манастирскиот комплекс на патот кон планината Голак.
Освен градежен шут, граѓаните фрлаат и стар мебел, стара облека, но и секојдневен отпад, од храна до пластика.
Депонии на секој метар, казни ни за лек
Жител на Општина Делчево вели дека на многу места во околината на градот има диви депонии, на кои покрај градежен шут, граѓаните фрлаат и комунален отпад.
- На некои места што се наменети само за градежен шут, има сè, само не градежен шут. Еднаш во месецот ќе дојдат багери и ќе го турнат отпадот, и толку, Тука завршува сè. Ова е извор на зараза за жителите, а и се уништува природата. Знам дека совеста на луѓето е на ниско ниво, но надлежните можат да преземат мерки. Општината има доволно комунални инспектори. Засега не сум чул дека некој што фрлал отпад бил казнет. За едукација, пак, не станува ни збор - вели делчевец.
Решение е заедничка депонија за источните општини
Горан Трајковски, градоначалник на Општина Делчево, вели дека за да се сузбијат ваквите појави, првично поставиле контејнери и во градот и во руралните средини.
- Имаме поставено 169 контејнери. Но, за таа депонија што има табли со предупредување да не се фрла друг отпад освен градежен шут, постојано апелираме. Но, не можеме да влијаеме врз свеста кај граѓаните. Сите овие депонии ќе бидат затворени и ќе има една заедничка депонија во близина на светиниколското село Мечкуевци. Тогаш проблемот ќе биде целосно решен. Очекуваме за една година тоа да почне да функционира - посочува градоначалникот Трајковски.
На владина седница одржана на почетокот од неделава беше донесена одлука за затворање на дивите депонии и ѓубришта во 18 општини од Источниот и Североисточниот Регион, со која се опфатени и над триесет диви ѓубришта.
- Оваа одлука е донесена врз основа на информацијата за статусот на реализација на подготвителните активности поврзани со проектот за затворање на нерегуларните депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот Регион - соопшти владината прес-служба.