Археолозите ги испитаа коските во мистериозниот црн саркофаг што неодамна беше пронајден во Египет и сега имаат барем некакви сознанија кој бил внатре. Трите скелети се од двајца мажи и една жена што живееле во птолемејската ера.
Откриен во Александрија во јули, саркофагот е најголем саркофаг пронајден во тој регион и тежи 30 тони. Поради тоа што немаше натписи или обележја, се појавија многу шпекулации за тоа што е внатре. Но, за жал, кога саркофагот беше отворен, сите се разочараа затоа што во него протекла течност и ги оштетила трите мумии. И пак ништо не беше откриено за да се идентификуваат коските, иако отсуството од картуш како да посочуваше дека не станува збор за припадници на кралска фамилија.
Се сметаше дека трите тела се на војници. Но, новите идентификации го негираат тоа објаснување бидејќи во античката египетска војска обично немало жени.
Фото: Science Alert
Па кои биле тие?
Тоа сѐ уште не е јасно, но нивните коски кажуваат малку повеќе за нив. Жената била на возраст меѓу 20 и 25 години и висока околу 164 сантиметри. Двајцата мажи биле постари, едниот меѓу 35 и 39 години и бил висок околу 165,5 сантиметри, а вториот бил на возраст меѓу 40 и 44 години и околу 184,5 сантиметри висок.
Фото: Science Alert
Кај последниот скелет, односно постариот маж, има мала дупка, помала од еден инч во дијаметар, која заздравела, што посочува дека мажот долго време живеел со неа. Тоа веројатно е резултат на трепанација - намерното правење дупка на черепот за лекување разни болести. На само неколку черепи од антички Египет се забележани дупки кои се резултат на трепанација.
Фото: Science Alert
Археолозите веруваат и дека телата биле закопувани во различно време бидејќи скелетите биле поставени еден над друг. Во гробот немало богатство, но три златни плочи преживеале, а на нив има врежани цртежи. Археолозите ќе ги испитуваат и ќе пробаат да го дешифрираат значењето. Исто така, ќе се вршат дополнителни анализи на коските за да се утврди дали
закопаните се од една фамилија.