X
 17.07.2018 Наука

Антички луѓе живееле во Кина пред 2,1 милиона години

Откривањето камени алатки, кои се најстарите што некогаш биле пронајдени надвор од Африка, драматично ја менува приказната за миграцијата на хоминините.

Стотици илјадници години мали групи антички луѓе се движеле низ песочна, брдовита прерија. Тие ги преживеале цицачите околу нив и нивните алатки биле основни, остри сечила направени од наштрбен камен. Тие живееле во страв од големите мачки и предатори кои ги следеле нивните деца.

И биле изолирани. Ретко сретнувале суштества што личеле на нив, надвор од оние 25 до 50 со кои живееле.

Ова бил чудниот живот на древните луѓе од саваната. Но, според новите истражувања, овие сцени можеле да се видат и на други места освен во Африка. Нашите предци живееле и во Азија.

Античките луѓе пред околу 2,1 милиона години стасале до Северозападна Кина и таму живееле стотици илјади години, покажува нова студија. Исто така, студијата сугерира дека хоминините мигрирале од Африка многу порано отколку што се мислеше и се прошириле подалеку на исток.

Претходно најраното присуство на антички човек надвор од Африка беше откриено во пештера во Дманиси, Грузија, каде што беше пронајден фосил од хомо еректус, стар 1,85 милион години. Новооткриената заедница на антички луѓе живеела околу 250.000 години пред таа група и 3.500 милји поисточно.

- Мораме повторно да размислиме кога хоминините прво ја напуштиле Африка. Покажавме дека најраните докази надвор од Африка се најмалку 2,1 милиона години стари и 250.000 години, или 10.000 генерации постари од оние во Дманиси во Грузија - истакна Робин Денел, археолог од Универзитетот во Шефилд и еден од авторите на студијата.

Истражувањето било предводено од археологот Џаоји Џу од кинеската Академија на науките. Тој и неговиот тим поминале 13 години ископувајќи место во кинеската Висорамнина со жолта почва кај реката Веј.

Иако студијата посочува на човечко присуство, истражувачите не пронашле фосили од антички луѓе на местото. Тие ископале голем број камени алатки оставени од нашите предци и закопани под многуте слоеви песок. Тие артефакти се претежно наштрбени парчиња камен, еден вид примитивни сечила кои биле создадени на начин користен и од хоминините во Африка во истиот период. 

Дел од Висорамнината со жолта почва
Фото: Wikipedia

Тврдењето дека таму имало луѓе само поради камени алатки може да се смета и за контроверзно од страна на некои истражувачи, кои се убедени во тоа само кога ќе најдат остатоци од човек, како заби, вилица или ДНК. Но, авторите на најновата студија и други експерти велат дека комотно можат да кажат дека на тоа место живееле луѓе бидејќи камените алатки изгледале како да се направени од луѓе и има докази дека имало напори за нивно одржување и подобрување.

Еден од авторите на студијата посочи и дека во областа нема геолошки процеси кои би можеле да ги распарчат камењата, а висорамнината е пејзаж без камења.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука