Кон средината на 80-тите години група американски археолози анализирале сателитски снимки на кои бил прикажан мексиканскиот полуостров Јукатан и не знаеле што да прават со една неочекувана шара: речиси совршен прстен.
Сенотите, дупки исполнети со подземна вода опколена од карпи, се обележје на овој пејзаж. Гледано од вселената, тие се спојуваат и формираат лак. Археолозите ја откриле шарата, односно кругот кој ги опколува главниот град на мексиканската сојузна држава Јукатан, Мерида, и пристанишните градови Сисал и Прогресо, додека се обидувале да сфатат што се случило со мајанската цивилизација, која некогаш владеела на полуостровот. Мајанската цивилизација зависела од сенотите за питка вода, но необичниот распоред на дупките ги збунил истражувачите додека ги презентирале пронајдоците на колегите специјалисти на научна конференција во Акапулко, Мексико, во 1988 година.
Фото: BBC
За еден научник во публиката, Ардијана Окампо, кружната формација звучела како аларм кој таа била тренирана да го чека.
Окампо сега има 63 години и објаснува дека таа тогаш видела не само прстен, туку и центар на мета.
- Веднаш штом ги видов слајдовите, тоа беше мојот „аха“ момент. Помислив: ова е неверојатно нешто. Ова може да е тоа - вели Окампо, која сега е директор на програмата „Луси“ на НАСА,
Таа објаснува дека тогаш била многу возбудена, но останала смирена затоа што ѝ требале повеќе докази.
Кога им се приближила на научниците, Окампо прашала дали размислиле за удар на голем астероид кој би бил доволно насилен да ја оштети планетата.
- Не знаеја ни за што зборував - се смее таа три децении подоцна.
Кратката средба на Окампо била почеток на научна кореспонденција која ќе ги воспостави основите на она во што денес веруваат повеќето научници: дека овој прстен одговара на краеви на кратер направен од астероид широк 12 километри кој удрил во Јукатан и експлодирал.
Фото: BBC
Од раните 90-ти години тимови научници од Америка, Европа и од Азија работеле да ги пополнат празнините. Тие сега веруваат дека по ударот се формирал кратер длабок 30 километри, предизвикувајќи Земјата да дејствува како базен кога ќе се фрли камче во него. Во годините по катаклизмичкиот удар светот би се сменил и би станал непрепознатлив. Пепелта би го блокирала небото и би создала постојана темнина и тоа би траело подолго од една година, а температурите би опаднале под точка на замрзнување и поради сето тоа, околу 75 отсто од сиот жив свет на Земјата би бил убиен - вклучително и диносаурусите.
Денес,
централната точка е закопана под малиот град наречен Чикхулуб Пуерто.