На веб-страницата на компанијата „Тесла“, која е позната по производството на електричните автомобили со истото име, а од неодамна и по дизајнот, развојот и производството на хуманоидниот робот „Оптимус“, објавен е оглас за оператор за собирање податоци.
Описот на работното место открива дека среќниот вработен (поточно - вработени, бидејќи за оваа работа се бараат неколку кандидати) ќе има задача да глуми робот, полно работно време. Се очекува вработените да бидат во движење повеќе од седум часа секоја смена, истовремено носејќи предмети со тежина до 15 кг додека одат на тест-патека, каде што дигитално се собираат податоците потребни за дизајнирање, програмирање и обука на роботот.
- Кандидатите за позицијата не треба да имаат формално инженерско или програмско образование. Физички, тие мора да бидат високи помеѓу 170 и 180 см и да можат да стојат, да седат, да одат, да креваат, да се наведнуваат, да посегнуваат и да се вртат, сето тоа во раните часови на денот - се вели во огласот.
Дополнително, се наведува дека „долги временски периоди“ треба да носат костим опремен со електронски сензори за движење и аудиовизуелна ВР (виртуелна реалност) опрема поставена на главата, додека во огласот се истакнува дека споменатиот уред може да го дезориентира корисникот, што може потенцијално да доведе до „симптоми на ВР-гадење“.
Главната цел е собирање дигитални податоци за мобилноста и просторното позиционирање, како и поддршка на активности поврзани со инженерските барања, вклучувајќи известување за какви било проблеми со опремата. Работодавецот „Тесла“, кој е во сопственост на Илон Маск, нуди 48 американски долари (околу 43 евра) на час за овие задачи, што значи дека за полно работно време успешен кандидат може да очекува месечна плата од 6.800 до 7.500 евра.
Што (засега) може да направи „Оптимус“?
По неколку верзии на „Оптимус“, новите модели сѐ уште се усовршуваат. Овој хуманоиден робот, наменет да биде помошник во производните процеси и во домаќинството, до неодамна беше обучен за: одење напред, настрана и наназад; вртење, клекнување, фаќање, држење и движење на предмети, кревање предмети со клекнување или стоечка положба, туркање и влечење предмети на површина (земја, работна површина), качување по скали (со и без носење предмети), одење по падина или рид, користење шрафцигер.
Пред еден месец се појавија видеа од него како изведува „мисловни“ задачи за подредување предмети по форма, големина и боја, како и понапорни задачи за одржување рамнотежа.
Тим од над 50 инженери и програмери моментално е ангажиран на обука на „Оптимус“ во „Тесла“, а описот на работното место зборува за позитивна и пријателска работна атмосфера и средина.
Откако „Оптимус“ првпат беше најавен во 2021 година, досега се претставени неколку верзии. Маск неодамна објави дека помалите серии на хуманоидните роботи на „Тесла“ наскоро ќе почнат да ги извршуваат работните задачи во објектите на Тесла пред да бидат достапни за други компании.
Интересно е тоа што самиот Маск, кој претходно изјави дека се надева оти „Оптимус“ ќе ги воведе луѓето во „иднина на изобилство, каде што ќе нема сиромаштија и каде што ќе можете да имате сè што сакате во однос на производите и услугите“ - исто така ја изрази својата претпазливост и загриженост поради импликациите што ги носи развојот на сè поквалитетните хуманоидни роботи, велејќи: „Што ако еден ден роботот што може да ве следи насекаде добие злонамерно ажурирање на софтверот и повеќе не е пријателски настроен?“
Извор: bug.hr
Фото: YouTube screenshot