Побарувачката за квалификуван медицински персонал на германскиот пазар на труд не е само перспектива создадена само за лекарите и старателите од многу европски и светски земји, туку исто така и за компании ангажирани во регрутирањето на овие вработени и нивно доведување во Германија.
Една од нив е и агенцијата „IPP Health“ од Келн, која веќе четири години по налог на германските клиники и други здравствени установи ја носат потребната работна сила од Шпанија, Италија и Полска, а веќе година дена и од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Индија. Преку овие агенции од три западно балкански земји досега повеќе од 100 негуватели отишле во Германија.
Во описот на нивните активности е организирање средби и разговори со групи на заинтересирани старатели, потпишување договори, посредување за добивање на виза, наоѓање на станови, признавање на дипломи и регистрирање во Германија.
Нов почеток во Германија
„На почетокот голем број негуватели беа незадоволни“, истакнува Кеј Симон, сопственик и директор на агенцијата.
„Првите неколку месеци се стресен период за негувателите кои доаѓаат тука. Тие се соочуваат со културолошки шок, снаоѓањето и вклопувањето во новиот живот и работната средина, јазичната бариера, носталгијата по семејството како и многу други обврски“, објаснува Симон.
Затоа, важна е психолошката и секоја друга подготовка за животот во новата средина.
„Германскиот јазик е тежок и колку е поголемо нивото на познавање на јазикот и стручната терминологија, толку е побрза интеграцијата во општеството и комуникацијата со колегите на работното место. Повеќето кандидати мораат да посетуваат дополнителни курсеви“, вели тој.
Од изборот на градот зависи квалитетот на животот
Особено е важен изборот на градот во кој се нудат работни места за негуватели. „Мојот совет до негувателите, пред да се информираат за специфичностите поврзани со одредени градови, да не ја прифатат првата понуда за работа. Да речеме, во Минхен киријата за една мала соба изнесува 700 евра, во Келн, Хановер и Хамбург за истото сместување треба да се издвојат 500 евра, додека во помалите средини за 250 евра можат да се изнајмат и помали станови. Семејство со две деца не може да се дозволи да живее во некој поголем град“.
Оние кои планираат да го земат семејството во Германија, Симон препорачува да изберат град во кој нивниот приход ќе биде доволен за потребите на сите членови на едно семејство. Имено, некои негуватели кои донеле избрзани одлуки, после неколку недели се откажале и се вратиле во своите земји.
Не наседнувајте на лажни ветувања
И на ова поле постојат „црни овци“, вели Симон. Тоа се агенциите кои на негувателите им ветуваат заработка од 3.000 евра.
„Тоа го забележавме за време на интервјуата со потенцијалните кандидати кои велеа дека имаат подобра понуда од онаа која им ја нудиме ние. Но, кога овие луѓе ќе дојдат во Германија, ги чека непријатно изненадување и заработка од 1.900 евра, што во сите сојузни покраини е просечна заработка на почетокот на кариерата. Овие компании ветуваат многу работи само за да го добијат потребниот персонал и да го заработат својот хонорар“, вели Симон.
Секако, негувателите можат да заработат повеќе од почетната сума, но тоа зависи од дополнителниот ангажман: ноќните смени, работата во недела и активности кои се плаќаат одделно.
При изборот на агенциите кои посредуваат во вработување секако треба да се изберат оние кои имаат добри оценки од странските лица кои преку нив добиле работа.
Реалната заработка на негуватели во Германија
Медицинскиот персонал, како што се негувателите на почетокот, за време на пробниот период, во просек заработуваат 1.900 евра и на тоа ниво остануваат сè до признавањето на стекнатите професионални квалификации кои во зависност од покраина до покраина, трае од три до шест месеци. После тоа, може да се очекува плата од 2.400 евра.
„Искуствата покажуваат дека почетната заработка, благодарение на дополнителните ангажмани, ноќни смени и работа за викенд, платата може да се зголеми за 20-30%.“, вели Симон
Извор: www.dw.com