На 8. по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024), која од 16 до 22 август се одржува во Кишињев, Молдавија, младите македонски ученици – информатичари го продолжија континуитетот на одлични претставувања на интернационалните олимпијади, освојувајќи три бронзени медали, соопшти Здружението на информатичари на Македонија.
Бронзените медали за Македонија на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години ги освоија Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица. Четврти член на македонскиот тим беше Бисера Илиева од Скопје, која како и Марко Кренков првпат учествуваше на интернационален натпревар по информатика.
Тимот беше раководен од лидерите Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35. пат.
Ако се вклучат и овие три медали, македонските ученици на досегашните осум изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 златен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји учеснички на олимпијадата.
Фото: Сојуз на информатичари