Наградените Петар Мирчевски од „Мирче Ацев“ во Прилеп, Марио Ванчоски од „Славчо Сојменски“ во Штип и Филип Бојаџиевски од „Орце Николов“ во Скопје десет часа решаваа доста комплексни проблеми од разни области на хемијата.
Не е лесно да се освои трето место во конкуренција од 348 натпреварувачи од 89 земји од светот, како што го сторија тоа тројцата македонски средношколци на 55. Меѓународна олимпијада по хемија (IChO 2023), која од 16 до 25 јули се одржа во Цирих, Швајцарија. Тоа што се вратија со бронзени медали претставува потврда за вложениот труд и поттик да продолжат да ја проучуваат хемијата, но и доказ дека Македонија има образование на ниво на другите развиени земји во светот.
- За мене, ова беше огромен успех. Бев многу среќен што се потврди трудот кој го вложував со години. Сепак, најмногу ми беше драго што успеавме да постигнеме висок резултат како тим, а не само индивидуално. Со ова покажавме дека образованието во Македонија е на исто ниво со образованието во развиените земји во светот. На крај, и покрај тешката конкуренција, успеавме да се избориме за 3 бронзени медали и една пофалница, со што Македонија се најде рамо до рамо со другите земји - вели Филип Бојаџиевски од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје.
Знаењето што го постигнавме на натпреварот е над факултетско ниво
Натпреварувачкиот дел од Олимпијадата се состоеше од теоретски и практичен дел. За секој од нив на натпреварувачите им беше дадено време од пет часа.
- Во теоријата имаше десет доста комплексни проблеми од разни области на хемијата, а во експерименталниот дел три проблеми, секој претставуваше посебен експеримент кој прво мораше да се изведе, со цел да се решат другите прашања поврзани со него, често има анализа на супстанции, квалитативна и квантитативна, и синтеза на одредено соединение каде што се испробуваат нашите експериментални вештини преку чистотата и количината на нашиот синтетизиран продукт. За теоретскиот и експерименталниот дел беше многу важно напоредно да се прават повеќе експерименти и да се решаваат повеќе задачи истовремено за да се стигне навреме. Може да се каже дека знаењето што го имавме за натпреварот е над факултетското ниво - вели Петар Мирчевски од гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Олимпијците велат дека неопходни за успехот биле подготовките што се одржувале низ целата школска година од професори од ПМФ и поранешни олимпијци. Особено имале поддршка од професорите Миха Буклески, Марина Стефова, Слоботка Алексовска и поранешните олимпијци-студенти Михаил Трајков, Дарко Стојчев и Александар Трајковски.
Петар Мирчевски на примањето на медалот
Експерименталниот дел не беше проблем поради лабораториските подготовки
- Експерименталниот дел не ни претставуваше проблем поради тоа што имавме лабораториски подготовки на ПМФ, како дел од подготовките за Олимпијадата, па бевме добро подготвени. Теоретскиот дел се состоеше од 10 задачи од различни области од хемијата. Задачите сами по себе не беа комплицирани и иако времето беше кратко, успеавме да решиме поголем дел од нив - вели олимпиецот Марио Ванчоски од гимназијата „Славчо Сојменски“ од Штип.
На сите тројца како искуство посебно им помогна учеството на Меѓународната Менделеева олимпијада во Казахстан годинава, но имаат учествувано и освојувано награди на многу други натпревари. Ванчоски освои бронзен медал на Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2021), бронзен медал на Јуниорската македонска математичка олимпијада (ЈММО) и голем број први, втори и трети награди на регионални и државни натпревари по хемија, биологија, физика и математика.
Бојаџиевски беше дел и од минатогодишната Меѓународна олимпијада во Кина, учествувал на натпревари по информатика, математика и физика, со освоени бронзени медали на македонските олимпијади по математика и информатика. Мирчевски, исто така, има освоено прва и втора награда на државни натпревари.
Марио Ванчоски
Хемијата не се учи напамет
Речиси кај сите љубовта кон хемијата влече семејни корени. Така, бабата на Бојаџиевски е хемичар, а тој вели дека за оваа наука го инспирирала професорката по хемија Ирена Мишевска, па почнал да учествува на натпреварите по хемија. Кај Мирчевски, пак, улога одиграла неговата постара сестра, која му всадила интерес за природните науки и често заедно учеле теми кои ги интересирале. Наспроти нивните големи резултати, за многу од учениците хемијата е тешка наука, па ги прашавме во што е проблемот.
- Сите природни науки изгледаат комплицирани кога се почнува со нив. Меѓутоа, како што се разбираат концептите, тие стануваат сè поинтересни и поттикнуваат повеќе размислување. Затоа сметам дека најголема улога имаат професорите кои треба да им ги доближат овие концепти на учениците, но пред сè е неопходна индивидуална работа од страна на ученикот. Само преку индивидуална работа може да се сфатат концептите, а потоа и да се засака хемијата - вели Бојаџиевски.
- Сметам дека проблемот е што повеќето ученици ја прават грешката со учење напамет, на тој начин не пробуваат суштински да ги сфатат правилата и законите во хемијата, а со тоа и да ги применат во одредени проблеми и задачи - додава Мирчевски.
Од лево кон десно: Филип Бојаџиевски, Петар Мирчевски, Марија Петрова, Марио Ванчоски
Хемијата го лекува светот
Прилепчанецот и штипјанецот уште не одлучиле каде ќе студираат, во Македонија или во странство, додека скопјанецот планира да се запише на Факултетот за електротехника и информациски технологии, а не ја исклучува можноста за меѓудисциплинарни студии со хемија. Сметаат дека ползувајќи ја хемијата, можат да направат уште многу позитивни промени во светот во кој живееме.
- Хемијата е наука која досега премногу му помогнала на светот и сè уште помага. Хемиските соединенија се насекаде и нивниот број постојано се зголемува со откривањето нови. Сметам дека најважните соединенија се лековите за различни болести, благодарение на кои се излекувани огромен број луѓе, па јас би ја искористил хемијата за пронаоѓање такви корисни соединенија - вели Ванчоски.
- Денешниот свет не би можел без хемијата. За подобрување на светот, моментално истражувачки групи на научници-хемичари во голем број светски универзитети и компании бараат решенија за проблемите со кои се соочуваме денес, на пример, глобалното затоплување, справувањето со јаглеродниот диоксид, алтернатива за фосилните горива, лекови за канцер и многу други. Сето ова е причината што иднината ја гледам токму во областа на природните науки, затоа што можат да направат радикални промени за подобрување на светот во кој живееме - рече Мирчевски.
Фото: приватна архива