X
 22.09.2020 Наука

Сончевата активност можеби придонела за потонувањето на „Титаник“

Најпознатата поморска несреќа во историјата се случи пред 108 години, но и денес ги интригира научниците. Сега, ново истражување вели дека за несреќата можно е да е виновна и сончевата активност.

Мила Зинкова, независен истражувач од САД, во списанието „Ведр“ веќе објави четири труда на тема „Титаник“ што се занимаваат со можните причини за неговото потонување. Најновото истражување за најпознатиот брод што некогаш потонал и кој се судрил со карпа мраз среде Атлантскиот Океан ноќта меѓу 14 и 15 април 1912 година фрла нова светлина на можните околности што довеле до трагедија.

Според нејзините заклучоци, веднаш по ударот во карпата мраз четвртиот офицер на „Титаник“, Џофеџ Боксал, ја пресметал положбата пријавена како дел од СОС-сигналот до блиските пловни објекти. Но, координатите што ги добил биле 24 километри оддалечени од реалната позиција на „Титаник“, што го натерало пензионираниот програмер да го испита влијанието за можна магнетна бура од Сонцето што можела да предизвика нарушување на системите за навигација.

Според ова истражување, временските непогоди во вселената во форма на сончев факел можеле да предизвикаат геомагнетна бура. Дополнителен доказ е фактот дека бродот „Карпатија“, кој тргнал да го спасува „Титаник“, добил погрешни координати, но сепак дошол на местото на потонувањето. Ова води кон заклучок дека нарушувањето на магнетосферата на Земјата можело да трае и до 5,5 часа.

Дополнително, бродовите во близина на местото на потонувањето на „Титаник“ добиле лоши сигнали или целосно ги пропуштиле, што исто така зборува во прилог на можен сончев факел што накратко спречил комуникација со радиосигналите. Истата ноќ очевидци пријавиле дека на невообичаено ниска географска ширина виделе поларна светлина, аурора бореалис, што настанува под влијание на магнетните празнења од Сонцето, и тоа на необично мала географска ширина.

Анализата на достапните историски податоци покажала дека во Северниот Атлантик постоела средна до лесна геомагнетна бура токму за време на несреќата на „Титаник“. Таа можела да предизвика и грешка во навигацијата на бродот и да предизвика судир со карпата мраз. Но, погрешното читање на компасите помогнало и спасило животи, бидејќи го навело бродот „Карпатија“ на вистинскиот пат.

Извор: Bug.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука