Развојот на иновациите во областа на фотоволтаичните ќелии би можел да доведе до тоа во иднина тие да станат сеприсутни, флексибилни, погодни за секоја површина, многу ефикасни, но и транспарентни. Последново е во фокусот на јужнокорејски научници кои успеаја да создадат едно такво решение.
Нивниот изум е проѕирна соларна ќелија направена од кристален силициум, која не користи метални елементи и затоа може да биде навистина транспарентна.
Првиот функционален пример на ваква фотоволтаична ќелија има површина од 16 квадратни см, а во целиот модул не користи ниту еден непроѕирен дел. Тоа значи дека во иднина ваквите решенија би можеле да се интегрираат, на пример, во екраните на мобилните уреди и да служат за полнење на нивните батерии. Ефикасноста на модулот е помеѓу 14 и 20 отсто. За да го покажат ова прашање во практика, истражувачите го поврзале панелот со мобилен телефон и го користеле за полнење на батеријата, користејќи само сончева енергија.
Панелите се направени според принципот „all-back-contact“ (ABC), што значи дека сите електрични водови и приклучоци се наоѓаат на задната страна. Дополнително, проѕирните панели со големина од еден квадратен сантиметар можат да се поврзат едни со други без видливи споеви, што ја прави технологијата приспособлива за различни уреди.
- Планираме да продолжиме со понатамошно истражување, така што транспарентните соларни ќелии можат да станат клучна технологија во еколошката енергетска индустрија во иднина - истакна професорот Квањонг Сео, еден од истражувачите.
Извор: bug.hr
Фото: Freepik