X
 14.08.2024 Живот

Кој најмногу го полни и кој најмногу го празни буџетот на Европската Унија

Минатата година Германија уплати значително повеќе во буџетот на Европската Унија отколку што потроши од неа, соопшти германскиот економски институт, кој ги анализирал податоците од Европската комисија.

Во 2023 година Германија уплати околу 17,4 милијарди евра повеќе во буџетот на ЕУ отколку што доби, што ја прави најголемиот нето-придонесувач. Една година претходно даде 19,7 милијарди евра. На второ место е Франција, која лани уплати речиси 9 милијарди евра повеќе отколку што повлече од буџетот на ЕУ. Италија е на трето место, со нето-придонес од околу 4,5 милијарди евра.

Најголем нето-примател во 2023 година, како и претходната година, беше Полска со 8,2 милијарди евра. Зад неа се Романија со 6 милијарди евра и Унгарија со 4,6 милијарди евра.

Кога се гледаат нето-плаќањата по глава на жител, проценката покажува дека Ирска е на врвот со 236 евра. Во Германија исплатите изнесуваат 206 евра по жител.

Буџетот на Унијата во 2023 година изнесува 173,1 милијарди евра. Од нив 143,4 милијарди евра отидоа за земјите-членки.

Дополнително, имаше средства од европскиот фонд за закрепнување од пандемијата од 66,1 милијарди евра, од кои 64,6 милијарди евра се искористени од земјите-членки.

Како најголем нето финансиер на Унијата, Германија обезбедува речиси четвртина од средствата. Истовремено, германската влада нагласува дека и Германија има поголема корист од внатрешниот пазар на ЕУ од која било друга земја-членка.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот