Оваа година во САД се запишуваат милиони нови студенти, а 9 од 10 од тие бруцоши се убедени дека ќе дипломираат за четири години или помалку. Меѓутоа, статистиката покажува дека тоа сценарио ќе се реализира за помалку од половина, односно за 45 отсто. Затоа, американските факултети почнале да ги сметаат за успешни студентите што завршуваат факултет за шест, па дури и за осум години, пишува Ен-би-си.
Новата веб-страница на американската влада „Колеџ скоркард“, исто така, го смета за успешно студирањето во период од осум години. Администрацијата на Џо Бајден предложила да се инвестираат 62 милијарди долари за подобрување на овие бројки во институциите во кои се запишуваат многу студенти со ниски примања.
Според податоци од американскиот оддел за образование, помалку од две третини од студентите дипломираат за помалку од шест години, а процентот е полош за некои групи.
Фото: Pixabay
Како што пишува Ен-би-си, објаснувањето за оваа ситуација можеби се крие во финансиите на студентите. Со други зборови, многу студенти можеби дипломираат подоцна од очекуваното, а некои и се откажуваат бидејќи немаат доволно финансиски средства за студиите.
Според закон донесен во 1990 г., студентите се сметаат за успешни доколку дипломираат за 150 отсто од „нормалниот период“. Сепак, во законот не се бара од универзитетите и колеџите да преземаат мерки за подобрување на процентот на студенти што завршуваат во предложениот период.
Извор:
NBC News
Фото: Pixabay