Доволно е да се погледне која било фотографија од рускиот лидер за да се забележи дека тој е во прилично добра форма за годините. Што е тајната на неговата виталност? Одговорот донекаде се крие во неговата исхрана. Јавноста во Русија отсекогаш била љубопитна да дознае што јаде претседателот
Путин, а „Раша бијонд“ ги откри сите тајни на претседателското мени.
Претседателски појадок
Путин за појадок јаде каша, творог со мед (руско младо сирење) и пие живи јајца од препелица. Тоа го кажуваат новинарите на ТВ-каналот НТВ кои во 2012 година појадувале со претседателот. Тие исто така откриле дека Путин сака да испие и сок од рен и цвекло.
Неколку години подоцна рускиот лидер им раскажал на новинарите дека сака ориз и елда, но не и овесна каша.
„Не можам да посветам многу време на исхраната“, рекол тој. „Сакам зеленчук: домат, краставица, зелена салата. Наутро сакам да појадувам каша, свежо сирење и мед. Ако можам да избирам помеѓу месо и риба, ќе изберам риба, но сакам и јагнешко месо“, истакнал Путин и додал дека не сака слатки работи, иако одвреме-навреме јаде сладолед.
Исхрана „во движење“
Путин многу патува низ земјата и низ целиот свет. Тоа што го јаде на патувањата е сосема друга приказна.
„Кога сум на пат, сакам да ја пробам домашната кујна. Навикнат сум да пијам зелен чај... Обично не вечерам бидејќи немам време за тоа. Попладне се трудам да јадам овошје и да испијам ќефир, кога е можно, а кога не е, претпочитам да не јадам ништо“, вели Путин.
Пред неколку години ресторанот „Подворје“ од Петербург имал посебна листа со јадења наречена „Ручек со Владимир Путин“ што ги нудела омилените јадења на претседателот, кој многупати бил гостин таму. Тој обично нарачувал мешано месо (говедски јазик, колбаси, свинско месо и ќофтиња). Тој сака и чадена есетра, со лимон и путер.
Секогаш кога Путин ќе јаде со новинарите, главна тема е неговиот избор на јадења. На пример, во 2003 година во калининградскиот ресторан „Покрај патот“ тој нарачал уха (рибја чорба), пита со црвен кавијар, чадена јагула и палачинки со јагоди. Во 2008 година, на патувањето во Татарстан одбрал салата, пилешка супа со резанки, говедско месо со ориз и пита... изгледа дека претседателствувањето и тоа како огладнува.
Што пие Путин?
Во 2010 година готвачот Анатолиј Галкин од Кремљ истакнал дека Путин им дава предност на виното и пивото. Готвачот открил и рецепт за посебен коктел што го пијат гостите на службените приеми: многу мраз, малку лимонов сок, нане и 50 грама шампањ. Галкин вели дека тој пијалак одлично ја гасне жедта.
Некои медиуми исто така тврдат дека претседателот е љубител на шпански црни вина. Наводно тој сака да испие и чашка вотка по оброк или чашка дагестански коњак.
Вкусовите од детството
Во една пригода Путин се потсетил на својата мајка која „правела пити со зелка, месо или ориз и ватрушки (пити со свежо сирење). Можеби тоа ја објаснува неговата љубов кон питите.
Во книгата „Семејството на Путин“ од Александар Путин, објавена во 2002 година, авторот пишува за Спиридон Путин, дедото на рускиот претседател. Тој работел како готвач во еден петербуршки ресторан во близина на министерството за морнарица.
„Во 1918 година Спиридон бил повикан да работи во Москва во мензата во Кремљ, каде што готвел за Ленин и за советската елита. Се зборува дека подоцна му станал и личен готвач на Сталин во резиденцијата во Валдај“, се наведува во книгата.
Спиридон Путин умрел кога неговиот внук Владимир имал 12 години. За среќа, тој успеал да го земе рецептот за приготвување рибја чорба од својот дедо додека бил жив, како и рецептот за приготвување јагнешко месо со кавкаски тревки.