X
 22.09.2022 Живот

Пет клучни пораки од обраќањето на Путин кои го шокираа светот

Рускиот претседател Владимир Путин во своето телевизиско обраќање објави низа нови информации за војната во Украина, но ја искористи можноста и да напомене дека Западот има цел да ја уништи неговата земја. Тој изјави и дека е неопходно да се донесе итна одлука за заштита на луѓето во „ослободените земји“. Ова се петте клучни пораки од неговиот говор.

Делумна мобилизација

Како една од главните работи што ги најави Путин се издвојува делумната мобилизација.

Имено, станува збор за регрутирање само на оние граѓани што моментално се во резерва, а пред сè оние што служеле во вооружените сили и имаат одредена воена специјалност и соодветно искуство.

Според шефот на Министерството за одбрана, Сергеј Шојгу, делумната мобилизација е потребна за контрола на одбранбената линија долга 1.000 километри и „ослободените територии“. Како што претходно објасни Путин, Русите кои се делумно мобилизирани ќе ги добиваат истите гаранции и исплати како војниците со договор.

- Би сакал да истакнам дека граѓаните на Русија, повикани на воена служба по мобилизацијата, ќе ги добијат статусот, исплатите и сите социјални гаранции како воениот персонал што служи по договор - рече тој во телевизиско обраќање.

- Граѓаните на Русија кои се во резервниот состав подлежат на регрутација, не станува збор за каква било мобилизација на студенти, воените обврзници не се предмет на мобилизација - изјави министерот за одбрана Шојгу.

Како што беше најавено, вработените во претпријатијата на рускиот воено-индустриски комплекс ќе добијат одложување на повикот за мобилизација.

Претседателот на Русија изјави дека мобилизацијата ќе стапи во сила веднаш.

„Не блефирам!“

Зборувајќи за територијалниот интегритет на Русија и нуклеарното оружје, Путин испрати јасна порака до светот.

- Кога територијалниот интегритет е загрозен, Руската Федерација ги користи сите расположливи средства. Тоа не е блеф - истакна тој.

Првиот човек на Русија им се закани на „оние што се обидуваат да ја уценат Русија со нуклеарно оружје“.

„Оние што се обидуваат да нѐ уценат со нуклеарно оружје треба да знаат дека дури и розата на ветерот може да се сврти во нивна насока - рече рускиот претседател.

Воената цел е непроменета

На самиот почеток на војната во Украина, Русија објави дека нејзина цел е денацификација и демилитаризација на цела Украина.

Во средината на април од Москва беше соопштено дека првиот дел од воената операција е завршен и дека се префрла во областа Харков.

Во последните недели Украина успеа да стави под своја контрола делови од регионот Харков, како и села во Луганск.

Путин сега соопшти дека воената цел останува непроменета – денацификација и демилитаризација.

Русија ги откри своите загуби

Од почетокот на војната во Украина, Русија загубила 5.937 војници, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Тоа е првпат Русија да ги открие своите загуби во Украина.

Шојгу, исто така, рече дека Украина загубила 61.207 војници од почетокот на „специјалната воена операција“, како што Кремљ ја нарекува инвазијата на земјата. Од друга страна, Украина тврди дека Русија од 24 февруари досега изгубила речиси 55.000 војници.

Колку резервисти ќе бидат мобилизирани

И министерот за одбрана Шојгу ги потврди зборовите на Путин за мобилизација, но понуди и дополнително објаснување. Шојгу кажа дека ќе бидат регрутирани вкупно 300.000 руски резервисти.

Тој сепак посочи дека Руската Федерација располага со значително поголем број луѓе, но дека нивното учество во војната во Украина засега не е неопходно.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот