X
 22.11.2019 Наука

Луѓето со половина мозок функционираат изненадувачки добро

Едно од најголемите чуда на човечкиот мозок е невропластичноста - способност за реструктурирање и адаптирање ако дојде до оштетување или отстранување на делови.

Нова студија открива дека невропластичноста е помоќна отколку што претходно се веруваше. Во некои случаи возрасните лица на кои додека биле деца им бил изваден половина мозок, во процедура наречена хемисферектомија, живеат нормални животи и може да имаат посилни нервни врски од оние што сè уште имаат цели мозоци.

Ако научниците успеат да сфатат како се случило тоа, можеби ќе откријат нови терапии за мозочни удари или други форми на оштетување на мозокот.

Во рамките на новата студија била испитувана нервната функција и поврзливоста на шест лица, сите во 20-тите и 30-тите години од животот, кои биле подложени на хемисферектомии кога биле на возраст меѓу 3 месеци и 11 години. Процедурата - која вклучува сечење на мозокот по средината и вадење на една половина - е екстремна, но не е нечуен третман за деца со насилни, чести и опасни напади.

За пациентите што биле подложени на хемисферектомија се знаеше дека долго време по процедурата имале нормален живот, но нецелосните студии не откриваа до кој степен мозокот бил способен да закрепне. Лекарите од калифорнискиот Технолошки институт, кои стојат зад студијата, велат дека биле изненадени од тоа колку добро преполовените мозоци се адаптираат и реорганизираат со текот на времето.

- Луѓето со хемисферектомии што ги проучувавме беа значително високофункционални. Тие имаат неповредени јазични вештини. Кога ги ставав во скенерот, малку разговаравме, исто како стотиците други индивидуи што сум ги скенирала. Можете речиси и да заборавите на нивната состојба кога ќе се сретнете со нив првпат - вели истражувачката Дорит Климан.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука