Бразилски истражувачи успешно испечатиле мали органоиди кои ги вршат сите функции на човечки црн дроб. Истражувачите морале да култивираат и да репрограмираат човечки матични клетки и потоа да ги испечатат со 3Д-печатач во слоеви за да направат
ткиво.
Иако „мини црниот дроб“ врши функција на вистински црн дроб, тој сепак е многу далеку од реалниот.
- Сè уште треба да се достигнат нови фази додека да добиеме комплетен орган, но сме на вистински пат кон ветувачки резултати - истакна Мајана Зац, еден од авторите на трудот објавен во „Бајофабрикејшн“.
Не само што печатениот црн дроб може да значи крај на зависноста од многу малата резерва на донирани органи, туку може да испадне и побезбеден.
- Друга важна предност е нула веројатноста од одбивање бидејќи клетките доаѓаат од пациентот - вели Зац.
Наместо да ги печатат клетките една по една, научниците развиле нова техника во која се вклучува групирање на клетките, поради што испечатените мини органи се подолготрајни од претходните обиди. Овие групи клетки потоа се мешаат со биомастило слично на хидрогел и се печатат во тродимензионална решетка. Резултатите се ветувачки.
- Во оваа фаза тоа сè уште не се ткива, но, како што може да се види во нашата студија, тие веќе се способни да ја чистат крвта од токсини и да произведуваат и лачат албумин - истакна првиот автор на трудот, Ернесто Гуларт.