Една нова студија покажа дека целосно вакцинираните луѓе што потоа се инфицирани со ковид-19 може да стекнат „супер имунитет“ на идните варијанти на вирусот.
Во студијата на Универзитетот за здравје и наука во Орегон, која беше објавена во „Журнал оф ди американ медикал асосиејшн“, се открива дека антителата во примероците на крв биле речиси 1.000 отсто поефикасни од антителата пронајдени во неинфицираните примероци крв земени две недели по вакцинација со „Фајзер“. За студијата биле собрани примероци од крв од 52 вработени на универзитетот кои биле вакцинирани со „Фајзер“, а од кои 26 имале благи инфекции, 10 го имале делта-сојот, 9 инфекции биле опишани како неделта, а 7 имале непознати варијанти.
Таканаречената пробивна инфекција генерира силен имунолошки одговор против делта-сојот, пишува во резимето на наодите, а истражувачите веруваат дека одговорот ќе биде сличен и на други варијанти, како омикрон.
- Мислам дека ова кажува за евентуален крај. Тоа не значи дека сме на крајот на пандемијата, но укажува на тоа каде ќе бидеме во иднина: откако ќе бидете вакцинирани, а подоцна и изложени на вирусот, веројатно ќе бидете добро заштитени од идните варијанти - вели д-р Марсел Керлин, коавторот на студијата и вонреден професор по медицина.
Истражувањето, исто така, го спореди имунолошкиот одговор на жив вирус од луѓе со ваква пробивна инфекција со оној на контролната група и откри дека пробивната инфекција генерира повеќе антитела на почетокот, при што тие антитела се значително подобри во неутрализирање на живите вируси.
- Клучот е да се вакцинирате. Мора да имате основа за заштита - рече Керлин.
Варијантата омикрон не беше конкретно идентификувана во студијата, но Фикаду Тафесе, виш автор и асистент-професор по молекуларна микробиологија и имунологија, рече дека оние што стојат зад студијата ќе предвидат дека пробивните инфекции од варијантата омикрон ќе генерираат сличен силен имунолошки одговор меѓу вакцинирани луѓе.
Извор:
Complex.com
Фото: Freepik