X
 23.01.2016 Живот

Силување на родителската љубов

„Децата се свети. За децата само најдоброто. Барем тие нешто да доживеат. Цвеќе на животот. Радост во куќата. Не се грижи сине - тато за тебе ќе направи се`“.

Постојаното слушање на овие зборови како песна од некоја причина ми здосади. И како родител, и како поранешно дете, и како иден дедо. Зарем не е доволно самото тоа што ги сакаме децата? Зарем не е време тие да се третираат малку повеќе човечки?

Лично не би го избрал овој момент да се родам. Има премногу љубов. Штом ќе го добиеш датумот на раѓање, веднаш стануваш кукла. Мама, тато, баба, дедо - сите те чекаа тебе за да започнат да те задоволуваат со своите комплекси и нагори. Те хранат додека не пукнеш. Ти облекуваат, на сечие воодушевување, фармерки и јакна, иако ти се`уште не можеш да седиш. Ако си девојче, тогаш веќе ти ги дупнале ушите за да ти стават златни обетчиња, кои колку и да чинат, сепак ти биле купени.

До третиот роденден играчките повеќе не може да ги собере во детската соба, а до шестата ни до викендичката. Од ден во ден те возат, а потоа те водат до продавниците за детска облека, по пат те влечкаат до ресторани. Посебно надарените мајки и баби спијат со децата до нивната 10-та година, се` додека не започне да влече кон педофилија. И да не заборавам. Таблет. Детето мора да има таблет. Пожелно е и ајфон. Од третата година. Затоа што Мирко има, мајка му му купи, а таа заработува помалку пари од нас. Дури и Тања, од соседната група има, а таа живее со својата баба.

Пред тргнувањето на училиште обично периодот на „кукла“ завршува и започнува „поправање“. Овие прекрасни родители конечно сфаќаат дека направиле нешто погрешно. Детето има вишок килограми, лош карактер и синдром на недостаток на внимание. Сега истите родители со истиот ентузијазам го носат детето по педагози, психоневролози, невролози и психолози. Роднината бара некаков вид на чудо кое ќе произведе магичен лек, а притоа да не се менува ништо во воспитувањето на детето. За тоа се трошат многу пари, нерви и време. Резултатот е нула, ништо.

Кога залудноста од потрошената сила станува очигледна, започнува фазата во која скоро сите прекрасни родители наеднаш започнуваат жестоко да ги мразат своите деца: „Ние за тебе се`, а ти...!“

Кога ќе се помират со тоа дека „од овој ништо не бидува“, родителите се враќаат кон воспитување на веќе пораснатото дете во добра личност. Го запишуваат на факултет, им даваат мито на професорите, ги покриваат тековните трошоци, му купуваат стан, автомобил, и преку врски му наоѓаат работа. Доколку тој не е талентиран, оваа стратегија донесува тешко заработени плодови - добиваме психички осакатен, но прилично правилен граѓанин.

Култот на детето во нашата цивилизација настана не толку одамна - пред 50-60 години. Ова е една прилично вештачка појава како Дедо Мраз кој излегува од рекламните шишиња на Кока Кола. Децата се најсилната алатка за забрзување на потрошувачката трка. Љубовта кон детето се става во погон уште во првиот круг. После само се поставува мерачот.

Тоа не значи дека децата порано не беа сакани. Беа, и тоа како. Само што семејството не беше детоцентрично. Децата беа сакани, но тие знаеја дека постојат постари кои треба да се почитуваат и дека постојат помали за кои треба да се грижат, дека постои нешто наше.

Денес пазарот сервира модел на семејство изграден околу детето. Ова очигледно е губитничка стратегија, која постои само за да извлече пари од домаќинството. Пазарот не сака соодветно основано семејство бидејќи во тој случај поголемиот дел од своите потреби ќе ги подмири сама, во себе. Од гледна точка на пазарот идеален татко не е оној кој го поминува слободното време со детето, го води в парк, вози со него велосипед... Идеален татко е оној кој нема слободно време бидејќи работи за да заработи за посета во аква паркот.

Во текстот глаголот „сака“ може да биде заменет со било кој друг: игнорира, не се грижи, рамнодужен е. Затоа што ваквата родителска љубов е само една форма на егоизам. Необуздана мајка, татко воркохоличар - сето тоа не е ништо друго од игра на нагонот. Што и да ми зборуваа за родителска должност и пожртвуваност, ваквото татковство и мајчинство се еден вид на љубовна разонода.

Една убава индиска поговорка вели: „Детето е гостин во твојот дом: нахрани го, воспитај го и пушти го“.

Може и будала да го нахрани; да го воспита - тоа малку потешко, но да умеете детето од првите минути од неговиот живот малку да го пуштите од себе - тоа е љубов. 

Извор: 2MyFamily.ru
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот