Едно ново истражување покажува дека масивните ледени плочи на Гренланд се топат побрзо отколку што претходно мислеле научниците.
Освен тоа, се истакнува дека веројатно е предоцна да се направи нешто во врска со ова.
Ова откритие би можело да значи катастрофална судбина за островите и крајбрежните области, со оглед на тоа што осум од десет најголеми светски градови се наоѓаат во близина на брегот.
Мајкл Бевис, професор по геодинамика на Универзитетот во Охајо и главен автор на истражувањето, вели дека човештвото дошло до точка од која нема враќање кога станува збор за борбата против климатските промени.
- Единствено што можеме да направиме е да се приспособиме и да го ублажиме понатамошното глобално затоплување, но во секој случај премногу е доцна да поминеме без негативни последици бидејќи ќе дојде до дополнителен пораст на нивото на морето - вели Бевис и додава дека мразот на Гренланд се топи во циклуси поради природните временски феномени и истакна дека растечките температури го влошуваат овој тренд.
Истражувањето на Бевис се разликува од претходните истражувања за Гренланд по тоа што е насочено на југозападниот дел на Гренланд каде што нема многу глечери. Ова истражување покажува дека ледените брегови на Гренланд се топат 50 пати побрзо отколку пред Индустриската револуција и 33 отсто побрзо отколку во 20 век, што ќе доведе до зголемување на нивото на морето во светот за околу 7 метри.
Освен тоа, истражувањето ги анализирало и џи-пи-ес податоците од брегот на Гренланд за подобро да ги разбере претходните истражувања од заедничкиот проект на НАСА и германскиот вселенски центар, кои покажале дека Гренланд губи околу 280 гигатони мраз годишно, што предизвикува зголемување на глобалното ниво на морето од 0,03 инчи.
Бевис и неговиот тим откриле дека мразот на
Гренланд во 2012 година се стопил четирипати побрзо отколку во 2003 година. Ова забрзување главно се случило во југозападниот дел на Гренланд.