Изложбата на уметницата Јелена Медиќ со наслов „Будни“ донесе светлина во градовите низ Босна и Херцеговина по два дена од локалните избори.
Улиците во Бања Лука, Сараево, Мостар, Требиње, Зворник, Бјелина, Тузла, Приједор, Нови Град, Брчко, Модрича, Дервента, Прњавор, Градишка, Лакташи, Челинац и Котор Варош од 17 ноември се облечени во ново руво. На вкупно 116 билборди во овие градови фотографиите од политичките кандидати биле заменети од портрети на локални уметници, филозофи и терапевти.
25 мирни воини за вистина, чие оружје е љубовта, заедно со фотографката Јелена Медиќ, „се соблекоа“ и одделија од своите социјални улоги низ интимен процес на поврзување и интимна размена, додека светот сè повеќе се оддалечува од човековата блискост.
Уметницата пред една година одлучила да престане да прифаќа комерцијални работни проекти и средствата што ги заработила дотогаш решила да ги инвестира во себе и во личен проект. Таа почнала да пишува автобиографски роман што ја поттикнал да се соочи со вистината за себе и за другите.
- Сите ние секогаш сме во некои улоги и костими и почитуваме одредени правила на однесување. Отидовме далеку од нашата автентичност, страдаме поради тоа и сè потешко се снаоѓаме. Животот нè влече на вистинската страна, а ние, како тврдоглаво магаре, се влечеме кон познатото. Кои би биле и што би можеле да му дадеме на светот ако престанеме да се воздржуваме поради општествено прифатливите норми кои немаат апсолутно никаква врска со вистинските морални вредности? - вели Медиќ.
Изложбата „Будни“ била создадена во продукција со асоцијацијата „Визарт“ со поддршка од министерството за образование и култура на Република Српска. Сопственикот на фирмата „Метромедиа“, Горан Чориќ, ги отстапил
билбордите низ земјата за првата изложба од овој тип.
Извор и насловна фотографија:
ultra.ba