Ниско лежечки континент кој постоел пред околу 40 милиони години и бил дом на егзотична фауна можеби го отворил патот за колонизацијата на Јужна Европа од страна на азиските цицачи, посочува ново истражување.
Сместен помеѓу Европа, Африка и Азија, овој заборавен континент, кој истражувачите го нарекле Балканатолија, станал порта помеѓу Азија и Европа кога нивото на морето се намалило и се формирале земјени мостови, пред околу 34 милиони години.
- Сè уште не е сосема јасно кога и како првиот бран азиски цицачи стасале до Југоисточна Европа - велат палеогеологот Алексис Лихт од францускиот Национален центар за научни истражувања (CNRS) и неговите колеги во нивната нова студија.
Пред околу 34 милиони години, на крајот на еоценот, огромен број домородни цицачи исчезнале од Западна Европа со појавувањето на азиските цицачи, исчезнување сега познато како Големата промена.
Неодамнешните пронаоѓања на фосили на Балканот, сепак, го променија тој тек на настаните укажувајќи на карактеристичен биорегион кој, по сè изгледа, им овозможил на азиските цицачи да ја колонизираат Југоисточна Европа околу 5 до 10 години пред да се случи Големата промена.
За да го направат истражувањето, Лихт и неговите колеги одново ги испитале доказите од сите познати наоѓалишта на фосили во областа која денес ги опфаќа Балканскиот Полуостров и Анадолија.
Староста на наоѓалиштата била разгледана врз основа на моменталните геолошки податоци и тимот ги реконструирал палеогеографските промени што се случиле во регионот, кој има сложена историја на епизодни потонувања и нови појавувања.
Она што тие го пронашле посочува дека Балканатолија служел како отскочна штица за животните да можат да се движат од Азија кон Западна Европа, со трансформација на прастарите копна од самостоен континент во копнен мост и подоцнежна инвазија на азиски цицачи - што се совпаѓа со некои драматични палеогеографси промени.
Пред околу 50 милиони години Балканатолија била изолиран архипелаг, одделен од соседните земји, каде што имало животни различни од оние во Европа и во Источна Азија, покажала анализата.
Потоа комбинацијата од опаѓање на нивото на морето, зголемувањето на ледените површини на Антарктикот и тектонските промени го поврзале континентот Балканатолија со Западна Европа, пред околу 40 до 34 милиони години.
Тоа им овозможило на азиските цицачи да се упатат на запад и да ја освојат Балканатолија, покажуваат фосилните записи.
Лихт и колегите, исто така, откриле делови од вилица на животно слично на носорог на ново наоѓалиште на фосили во Турција, кои датираат од пред околу 38 до 35 милиони години.
Фосилот веројатно е најстариот копитар налик на азиските кој досега е откриен во Анатолија и е постар од Големата промена најмалку 1,5 милион години, што посочува на тоа дека азиските цицачи оделе кон Европа преку Балканатолија.
Овој јужен пат кон Европа преку Балканатолија бил можеби поомилен за авантуристичките животни кои тогаш патувале низ маршрути на повисоки латитуди преку централна Азија, кои во тоа време биле посуви, постудени, пустински степи, сугерираат Лихт и неговите колеги.
Сепак, тие посочуваат дека приказната засега се заснова само на фосили од цицачи и останува да се исцрта целосната слика за биодиверзитетот на Балканатолија во минатото.
Голем дел од геолошките промени што се случиле во Балканатолија сè уште треба да се разгледуваат за целосно да се разберат и важно е да се напомене дека сето ова е само интерпретација на фосилните записи на еден тим.
Извор:
Science Alert
Фотографии: CNRS