X
 11.02.2017 Наука

Како една случајна природна појава ја забавила еволуцијата на живите суштества

Група истражувачи од Универзитетот во Ексетер објави статија во списанието Nature Communications со објаснување на една необична и случајна природна појава која го спречила порастот на количеството на кислород во атмосферата, а со тоа и го одложила  развојот на повеќеклеточни организми за цели две милијарди години.

Имено, многу пред камбриумската експлозија, која пред околу 550 милиони години ги изнедрила речиси сите видови животни кои постојат и денес, првите организми кои живееле на Земјата биле едноклеточни и анаеробни, што значи дека не користеле кислород, гас кој тогаш постоел во атмосферата во незначителни количини.

Пред околу две и пол милијарди години, цијанобактериите биле првите организми кои вршеле фотосинтеза ослободувајќи кислород кој почнал да се таложи во атмосферата. Во рок од неколку стотини милиони години, нивото на кислород во атмосферата било околу десетпати пониско од денес, недоволно за еволуција на аеробните организми, но доволно да изумрат многу видови бактерии за кои кислородот бил токсичен.

После таканареченото „големо оксидациско изумирање“ се случило нешто што за научниот свет долго време претставувало потполна мистерија. Нивото на кислород во атмосферата престанало да расте, останувајќи на истото ниво речиси две милијарди години, иако цијанобактериите продолжиле да го ослободуваат со несмалено темпо.

Како што во својот труд наведуваат професорите Тим Лентон и Стјуарт Дејнс од Универзитетот во Ексетер, растот на нивото на кислород  бил спречен од една нова, случајна, повратна спрега. Имено, постојаните тектонски промени го истуркале на Земјината површина органскиот материјал кој, со умирањето на едноклеточните оганизми, се таложел во седиментите на дното од океаните.

Овој органски материјал, кој за првпат бил изложен на Земјината атмосфера, реагирал и го „заробувал“ слободниот кислород. Бидејќи цијанобактериите и другите организми со умирањето постојано произведувале нов органски материјал, настанал еквилибриум кога нивото на кислород во текот на две милијарди години, горе-долу останало исто.

Ситуацијата се изменила дури со еволуцијата на првите растенија, кога интензитетот на фотосинтезата нагло пораснал, а атмосферата повторно се заситила со кислород. До нов и денешен еквилибриум доаѓа после камбриумската експлозија, кога се развиваат организми кои, за да преживеат, морале за првпат да користат кислород.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука