Експлозијата во Бејрут, Либан, што се случи на 4 август минатата година се смета за една од најсилните ненуклеарни експлозии предизвикани од човекот во историјата. Кратерот предизвикан од
експлозијата целосно го промени пристаништето во Бејрут, а несреќата уби најмалку 210 лица и 7.500 беа повредени. Над 300.000 лица привремено останаа без дом.
Ново истражување од Универзитетот „Хокаидо“ во Јапонија покажува дека експлозијата предизвикана од над 2.750 тони амониум нитрат предизвикала шок и во горниот дел од атмосферата на Земјата. Според истражувачите, шокот од експлозијата предизвикал промени во електроните во јоносферата. Тие го заклучиле ова мерејќи ги микробрановите сигнали испратени од сателитите за навигација до станиците на Земјата.
Фото: Wikipedia
- Откривме дека експлозијата предизвикала бран кој патувал во јоносферата во јужна насока со брзина од околу 0,8 километри во секунда - открил Косуке Хеки, научник од Универзитетот „Хокаидо“.
Звучните бранови патуваат со слична брзина кога поминуваат низ јоносферата. Истражувачите го споредиле овој бран со други бранови предизвикани од други настани и откриле дека шокот од експлозијата во Бејрут бил поголем од оној предизвикан при ерупцијата на вулканот Асама во Јапонија, во 2004 г.
Шокот од експлозијата во Бејрут бил сличен на шоковите предизвикани од други вулкански ерупции, пренесува „Интрестинг инџиниринг“.
Автор: Дерија Оздемир
Извор:
interestingengineering.com