X
 23.04.2017 Култура

Антички резби на камен сведочат за удар на комета во Земјата пред 13.000 години

Истражувачите успеале да преведат познати антички симболи во храм во Турција кои ја раскажуваат приказната за удар на катастрофална комета пред повеќе од 13.000 години.

Преку проверката на настанот преку компјутерски симулации на Сончевиот систем во тоа време, научниците укажуваат на тоа дека резбите би можеле да го опишуваат ударот на кометата во Земјата кој се случил околу 10 950 година п.н.е - во исто време кога започнала мини ледено доба која засекогаш ја променила цивилизацијата.

Оваа мини ледено доба, траела околу 1.000 години и таа се смета за клучниот период за човештвото бидејќи во тоа време се појавиле земјоделието и првите неолитски цивилизации - потенцијално како одговор на новите постудени клими. Овој период исто така се поврзува со истребувањето на влакнестиот мамут.

Иако оваа доба била темелно проучувана, не е јасно што го активирал овој период. Ударот од комета е една од водечките хипотези, но научниците не можеле да пронајдат физички доказ за комети од тој период.

Тимот од Универзитетот во Единбург во Велика Британија вели дека овие резби, кои се пронајдени во најстариот храм во светот, Гобекли Тепе во јужна Турција, се доказ дека кометата ја предизвикала оваа доба.

„Мислам дека ова истражување го запечатуваат случајот во корист на кометата“, вели истражувачот Мартин Светмен.


Фото: Alistair Coombs

„Нашата работа служи за да ги зајакне материјалните докази. Овде се случил процес на промена на парадигмата“.

Преводот на симболите исто така укажува дека Гобекли Тепе не бил само уште еден храм, туку тој служел и како древна опсерваторија.

„Се чини дека Гобекли Тепе бил опсерваторија за набљудување на ноќното небо“, вели Светмен.

Се смета дека овој храм бил изграден околу 9000 година п.н.е - околу 6.000 години пред Стоунхенџ. Резбите биле пронајдени на столбот наречен „Vulture Stone“ кој прикажува различни животни во одредени позиции околу каменот.

Симболите долго време ги интригирале научниците, но Светмен и неговиот тим од инженери откриле дека тие всушност кореспондираат со астрономските констелации.

Датирањето на овие резби исто така се совпаѓа со основниот мраз земен од Гренланд кој укажува на мини ледено доба која почнала околу 10 890 година п.н.е.


Фото: Martin Sweatman and Stellarium

Според Светмен, ова не е првпат античката археологија да обезбеди увид во минатото на цивилизацијата.

„Ако се земе во предвид дека, според астрономите, оваа огромна комета пристигнала во внатрешниот Сончев систем пред околу 20.000 години, би била видлива и доминантна карактеристика на ноќното небо, па мала е веројатноста античките луѓе да ја игнорирале, со оглед на можните последици“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура