Кожуф е една од 13-те планини во Република Македонија повисоки од 2000 метри. Се наоѓа во јужниот дел на нашата држава, долж границата со Грција, помеѓу долините на Вардар на исток, Бошава на север и Блаштица на запад. Планината е издолжена 30-тина km во правец североисток-југозапад, а зафаќа вкупна површина од 543 km2. Планинското било е релативно заоблено, освен помеѓу највисоките врвови Зелен Брег (2165 m) и Дудица (2138 m), но и на југ на територијата на Грција, каде јужната страна е со бројни отсеци. Кожуф во основата е составен од палеозојски шкрилци, а над нив се тријаски варовници и вулкански карпи. Пред 30-тина милиони години, овде започнала интензивна тектонска активност со активирање на бројни раседи. Долж раседните пукнатини започнало еруптивно излевање на големи маси вулканска-андезитска лава и исфрлање на пирокластичен материјал. Од андензитите се изградени повеќе возвишенија и вулкански купи и тоа: Васов Град, Острец, Момина Чука, Коприва и др. Вулканската активност е обновена кон крајот на плиоцен, а завршила во почетокот на Пилоу-лавиплеистоцен, по што е меѓу најмладите во Република Македонија. Како резултат на вулканската активност, во источниот дел на Кожуф, кај с.Миравци има уникатна појава на пилоу-лави во кои е всечена фасцинантната кањонеста сатеска на Стара и Петрушка Река. Во долината на Бошава пак на север има бројни денудациски форми во вулкански карпи во вид на камени кукли или земјени пирамиди. Значајно е да се напомене дека северно од Бошава е пространата висорамнина Витачево, настаната со натрупување на вулканска пепел (туф) со ерупциите на кожуфските вулкани. Како резултат на бурната вулканска активност во блиското геолошко минато на Кожуф се бројните ретки минерали на западната планинска страна. Особена разновидност на минерали има кај рудникот Алшар кој е познат во светски рамки по појавите на талиум, посебно минералот лорандит – еден од најретките минерали во светот. Лорандитот се користи во научни цели за детектираање на неверојатно ситни честички т.н. неутрината кои доаѓаат од Сонцето и укажуваат на тоа што се случува во неговата внатрешност. Поради тоа, за кожуфскиот лорандит е заинтересирана и НАСА. Рудникот Алшар се наоѓа на 300 m оддалеченост од малото село Мајден. Во неговата внатрешност се влегува низ осум широки отвори во земјата. Два од осумте отвори на јамите од подземните копалишта се долги шест илјади метри со калдрма, но тие денес се многу оштетени.
Од споменатите десетина атрактивни, високи врвови на Кожуф, долж границата со Грција, се протега прекрасен панорамски видик. Кога е ведро и чисто време, од врвовите се гледа Солунско Поле и дел од Солунскиот Залив. На северните падини под највисоките врвови, има неколку фосилни циркови и валовски долини кои сведочат за постоење на плеистоценска глацијација на овој високопланински предел. Особено јасно се изразени цирковите и валовите во изворишната челенка на Конска Река.
Уште еден уникат на Кожуф е карстот кај селото Хума, во сливот на Конска Река. Истиот уште во почетокот на минатиот век го привлекол вниманието на истражувачите, посебно поради постоење на мало, но типично карстно полце Брце, во кое има периодичен карстен извор.
Климата на Кожуф е многу интересна, бидејќи овде се меша влијанието на медитеранската клима од југ и умерено-континенталната од север. Затоа на самиот планински гребен се јавуваат нагли временски промени, понекогаш за само половина час, така што времето може вистински да изненади. Во високите планински делови, преку зима навејува големо количество снег (до 2,5 m), но истиот не се задржува многу долго. Веќе во април, снегот може да се види само на неколку сосема мали осојни површини над 1800 m височина. Во лето, климата е пријатна, воздухот чист, свеж и не многу студен, така што имаме чувство дека сме во вистинска „воздушна бања“. Ветровитоста е доста изразена, посебно на планинските сртови, врвови и по долината на некои реки како Вардар, Бошава и Конска Река. По долината на Конска Река дува свеж, планински ветер кој ја разладува, прочистува и освежува Гевгелија речиси преку цела година.
Кожуф се одликува со застапеност на голем број на планински извори, од кои повеќето имаат минерален карактер. Изворите се студени, со просечна издашност од 0,5 до 5 литри во секунда и обично функционираат преку цела година. Околу с.Хума има и периодични карстни извори, но и неколку понори. Непосредно под високите врвови на Кожуф се изворите на повеќе потоци и реки, како што се: Дошница, Бошава, Конска Река, Блаштица итн. Изворот на реката Дошница е под врвот Зелен Брег и со оглед на тоа што до вливот во реката Вардар нема некој поголем извор на загадување, таа е една од најчистите реки кај нас и богата со рибa. Конска Река пак е карактеристична по огромните наноси на флувиоглацијален материјал (валутоци, блокови) по долинското дно, кои се протегаат речиси до Гевгелија. Во горниот (изворишен) дел, долината е со валовски U-профил, очигледно обликувана со глечерска ерозија. Горните текови на реките се доста стрмни, со бројни брзаци и водопади високи до 20 метри.
Кожуф е планина со изразито богат растителен свет. Започнувајќи од разновидните листопадни и иглолисни шуми, па продолжувајќи кон прекрасните и разнобојните планински пасишта, и на крај завршувајќи со лековитите растенија и билките кои ги има во изобилство и кои се употребуваат за најразлични заболувања.
Еден од најубавите делови на Кожуф, во долината на Конска Река, каде можеби наскоро ќе гледаме огромен површински коп!
Со оглед на сето споменато: уникатниот и разновиден релјеф, чистиот воздух, пријатната клима, бројните студени и минерални извори, чистите планински реки, разновидниот растителен и животински свет, воопшто не чуди што Кожуф е една од најубавите планински дестинации во Македонија. Кожуф ќе ве остави без здив, без оглед во кое годишно време ќе го посетите. Затоа, во последно време е се поголем бројот на посетители на планината, желни за чисти недопрени предели. Единствено што недостига се повеќе сместувачко-угостителски капацитети кон внатрешноста на планината.
И покрај извонредните можности за развој на еко-туризмот на Кожуф, за жал, од неодамна, 3 поголеми локации се доделени под концесија за детални геолошки изтражувања. Целта е утврдување на можности за ископување на злато. На тој начин, планината неповратно ќе ја изгуби својата атрактивност и привлечност на недопрена зелена оаза. Една од најубавите македонски планини, ќе стане рудник и јаловиште, предел кој наместо да привлекува, ќе ги одбива се побројните луѓе желни за чист воздух, мир и спокој во природата. На повидок е огромна загуба за гевгеличани, но и за сите во оваа држава кои вистински и од се срце ја сакаат Македонија и нејзината преубава природа. Да не зборуваме за сите потенцијални загадувања и опасности по Гевгелиско Поле како едно од најплодните во државата, каде се одгледуваат бројни земјоделски култури. Сепак, се надеваме дека оваа цел која ќе значи сива иднина за многу генерации, сепак нема да се оствари, па и понатаму ќе уживаме во убавините на прекрасниот Кожуф и на овој дел од Македонија.
Автори: Ивица Милевски и Глигорије Џилвиџиев / iGeo