X
 23.04.2020 Живот

Експертите за јавно здравје сега се лошите момци

Американците во минатото го славеа научникот Ентони Фаучи. Сега некои бараат тој да биде отпуштен.

Фаучи, врвниот експерт за инфективни болести во САД, не е сам. И неговиот италијански колега Волтер Ричарди беше нападнат од лидерот на популистичката партија „Лига“, Матео Салвини, заедно со неговите приврзаници, откако рече дека карантинот во земјата треба да биде подолг за да се спречи втор бран на коронавирусот.

- Мислам дека е морална и професионална должност на научниците секогаш да ја кажуваат вистината - изјави Ричарди.

Пандемијата на коронавирусот ги стави научниците во тешка позиција. Малку познати епидемиолози и вирусолози сега излегуваат пред камерите и им кажуваат на луѓето да останат дома, да ги држат продавниците затворени, додека политичарите ги креваат рамената и велат дека само ја следат науката.

Токму поради тоа, научниците сега се цел на напади.

Германскиот експерт за јавно здравје Кристијан Дростен добил е-пораки со говор на омраза. Британската влада рече дека нема да ги објави имињата на експертите од својата научна советодавна група за вонредни состојби поради безбедноста на научниците.

Лутите Американци извикуваа: „Отпуштете го Фаучи“ додека протестираа против рестрикциите за социјално дистанцирање низ САД овој викенд, заедно со скептиците за вакцина и истакнатиот теоретичар на заговори Алекс Џонс. Во Италија, Ричарди се најде во твитер-војна со Салвини откако рече дека е против отворањето на северниот регион Ломбардија и откако објави твитови против Трамп.

- Се расправа со неговите колеги и гувернери, јавно го навредува американскиот претседател, изјави дека маските за лице не помагаат ништо - напиша Салвини на својот твитер-профил. Тој ја повика владата да го отпушти Ричарди од позицијата советник.

- Сè што кажа е погрешно и сега го навредува Трамп - додаде Салвини.

Oвој популистички гнев, поттикнат од политичари од високо ниво, сè повеќе се меша со теориите на заговор за потеклото на вирусот и антиваксерската параноја.

- Ова е рецепт за катастрофа - вели Сандер ван дер Линден, социјален психолог на Универзитетот во Кембриџ.

- Во моментот кога луѓето ќе престанат да им веруваат на експертите за јавно здравје, тоа може да стане дивиот запад во однос на тоа кон кои препораки ќе се придржуваат луѓето - вели Ван дер Линден.

Гневот кон експертите за јавно здравје е измешан и со теориите на заговор, како што е тврдењето дека Светската здравствена организација го создала вирусот за да може да изврши притисок врз вакцините. Антиваксерите се пуштија во лов и против милијардерот и филантроп Бил Гејтс со слични обвинувања користејќи ги хаштазите #BillGatesIsNotOurFriend #BillKills и #BillGatesisEvil.

zakana
Ентони Фаучи
Фото: Screenshot/YouTube

Популистичките политичари, честопати поврзани со антинаучни и антиваксерски погледи, ги подгоруваат теориите, со што им создаваат дополнителна главоболка на експертите за јавно здравје.

- Вообичаена техника од луѓето што се обидуваат да ѝ се спротивстават на науката што не им одговара е да ги обвинат научниците дека се политички настроени - вели Стефан Левандовски, професор по когнитивна психологија на Универзитетот во Бристол. И тој се соочил со слична ситуација пред речиси една деценија, кога негирачите на климатските промени му испраќале смртни закани.

- Научниците како мене, епидемиолозите и климатските научници, секогаш сме во дилема дека она што ќе го кажеме луѓето ќе го сметаат за политички настроено - вели тој.

Ова го влошуваат денешните политичари. Водачите како Доналд Трамп или Салвини во Италија - нивните инстинкти и интуиции им велат дека треба да ги уништат доказите и науката, фактите и сите други здодевни работи.

Сепак, критиките не доаѓаат само од екстремни случаи. Во САД, на пример, научните советници беа мета на критики затоа што беа усогласени со владата.

- Кога ќе видите наводно независни медицински советници во владата како кажуваат очигледни невистини за да се искористи политичкиот режим чиј кредибилитет брзо се распаѓа, сигурно дека овие советници го изгубиле интегритетот и нашата доверба - вели уредникот на „Лансет“, Ричард Хортон.

Фаучи неодамна одговори на повиците за негово отпуштање, велејќи дека ги разбира фрустрациите на луѓето.

- Мислам дека пораката е јасна дека ова е нешто што повредува од гледна точка на економијата, од гледна точка дека работите немаат никаква врска со вирусот. Но, ако не го ставиме вирусот под контрола, вистинското економско закрепнување нема да се случи - вели Фаучи.

Ричарди и претходно бил во ваква ситуација. Минатата година изјави дека се повлекува од функцијата шеф на Националниот институт за здравство на Италија во знак на протест против „антинаучниот“ пристап во владата, повикувајќи се на ставовите против вакцините на Салвини.

Овој пат, се чини дека Ричарди го привлече популистичкиот гнев поради неколку различни изјави. Тој советуваше да не се отстранат мерките многу брзо, но и неговите критики против Трамп предизвикаа гнев.

- Изборите имаат последици. Кога луѓето гласаат за популистички и суверени авантуристи, тие донесуваат одлуки кои имаат последици, а во овој случај, намалување на истражувањето за здравствени иновации - рече тој.

Изјавите и за карантинот и за популистичкото намалување на научните истражувања се базирани на научни докази, тврди Ричарди, додавајќи дека како експерт за јавно здравје, тој е должен да го каже она што е.

- Тоа е дел од мојата работа - вели тој.

Дростен, истакнат виролог во берлинските болници и водител на популарен поткаст за пандемијата, пред неколку недели мораше да се повлече од медиумите поради тоа што добил пораки со говор на омраза.

- Постојат весници кои сега цртаат карикатури на научници не со зборови, туку со слики. Се гледам себеси како цртан лик и ми се гади од тоа - вели тој.

И Ричарди е премногу изложен, па во последните неколку недели рече дека ќе ги намали јавните настапи и ќе се појавува само онаму каде што навистина мора да се појави.

Ван дер Линден, психолог од „Кембриџ“, вели дека тешко им е на научниците да се движат во својот терен.

- Моментот кога науката станува политизирана, за користење на која било агенда, тогаш е тешко да се води разговор базиран на докази - вели Ван дер Линден.

Извор: Politico.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот