Кога го прашале Баз Олдрин, вториот човек што стапнал на Месечината во 1969 година, што би правел кога би практикувал социјално дистанцирање за време на епидемија на коронавирус, тој рекол: „Би седел мирен и би ја заклучил вратата“.
На Олдрин му е познат концептот за минување време во карантин. Откако слетал командниот модул на „Аполо 11“, тој, заедно со Нил Армстронг и Мајкл Колинс, морал да помине три долги недели во карантин за да се осигурат дека на нашата планета нема да се прошират бактерии од вселената.
Тие тројцата најпрвин биле сместени во мобилен капацитет за карантин, а потоа биле транспортирани во безбедна зграда наречена лабораторија за лунарен прием, која била направена за карантин на астронаути и материјал донесен од Месечината. Многу години подоцна, откако се покажа дека на Месечината нема живот, НАСА ја прекина оваа практика.
Кога побарале од Олдрин да ги посоветува оние милиони луѓе што се во самоизолација дома, сега веќе 90-годишниот поранешен астронаут се потсетил на времето кога бил во карантин.
- Па, Мајк Колинс и јас вежбавме и џогиравме по малку во ходникот - рекол тој.
Инаку, поголемиот дел од времето го минувале средувајќи документација.