Со предлог-законот за странците, кој хрватското министерство за внатрешни работи го испрати на јавна расправа, се укинуваат квотите за вработување странци и се поедноставува нивното вработување, но работодавците претходно ќе мора да проверат дали можат потребата за работници да ја задоволат на домашниот пазар.
- Предложениот модел оди во насока на брзо реагирање на потребите на пазарот на труд и на појасен начин ги пропишува одредбите поврзани со влез, престој и работа на странци - истакнува портпаролката на хрватското МВР, Марина Мандиќ.
Предлогот оди во насока на укинување на квотите кои досега ги пропишуваше хрватската влада и предвидува нов поедноставен модел за вработување странци за да се задоволат потребите на
работодавците.
Поголема поврзаност на државните тела и установи
Но, работодавците пред вработувањето на работниците од трети земји ќе треба преку хрватскиот Завод за вработување да проверат дали можат да ги задоволат потребите на националниот пазар на труд.
Со оглед на тоа дека по усвојувањето на законот хрватската влада веќе не би пропишувала годишна квота на дозволи за вработување странци, со предлогот се пропишува во постапката на поднесување барања за издавање дозволи за престој и работа да се приложува и позитивно мислење од хрватскиот Завод за вработување.
Исто така, се пропишуваат категории на работи за кои хрватското МВР преку надлежните полициски управи, односно станици, издава дозволи за престој и работа без мислење на Заводот за вработување.
Воедно, поради новиот начин на вработување, пропишана е поголема поврзаност на државните тела и установи во делот на спроведување контроли, како и заштита на работниците и нивните права.
Мандиќ вели дека во текот на постапката за донесување на законот ќе бидат консултирани бизнис-заедницата и работодавците, Заводот за вработување и други тела.
Воведување долготрајни визи
Со законскиот предлог ќе се пропише долготрајна виза како одобрение за престој во Хрватска, кој е подолг од 90 дена во кој било период од 180 дена и ќе се пропишат услови кои работодавецот мора да ги исполни за добивање мислење од Заводот за вработување.
Исто така, ќе се овозможи регулирање на привремениот престој од хуманитарни причини за припадниците на хрватскиот народ со странско државјанство и ќе се пропишат поповолни одредби за стекнување траен престој во Хрватска за членовите на фамилиите на Хрватите и припадниците на хрватскиот народ кои имаат странско државјанство.
Членовите на фамилијата на хрватскиот државјанин и припадниците на хрватскиот народ за траен престој нема да треба да го исполнуваат условот од пет години задолжителен престој, туку само 4 години и нема да треба да полагаат испит за познавање на хрватскиот јазик и латинското писмо.
Со предлог-законот се доработени и одредбите поврзани со долготрајниот престој, односно пропишување на повторното стекнување на долготраен престој под поповолни услови за лицата на кои од одредени причини им престанал долготрајниот престој и ажурирање на прекршочните одредби.