X
 08.05.2019 Наша тема

Не избирајте средно школо само заради другарите - советува наш студент на најдобриот технички факултет во Германија

Иван Николовски е студент во прва година на Техничкиот универзитет во Минхен, а минатата година матурира во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје

Изборот на средно училиште е тешка одлука за секој ученик. Тогаш тој првпат се наоѓа во позиција да треба да избира помеѓу повеќе можности што ќе влијаат врз неговиот понатамошен развој, не само како образована личност, туку и во целокупниот живот. Во средно се стекнуваат многу нови пријателства и познанства кои ги поставуваат темелите на долгогодишно дружење и соработка, но најдобро е да се одбере она училиште за кое сметаат дека ќе ги задоволи нивните потреби - дали тоа е поголем фокус на активностите надвор од училиштето, како спортот, или пак натпревари по некои од училишните предмети или, пак, училиштето за кое сметаат дека го има најдобриот наставен кадар, вели Иван Николовски, студент во прва година на Техничкиот универзитет во Минхен. Тој заврши во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ минатата година, а денес студира на најдобриот технички факултет во Германија.


Иван Николовски

Со него поразговаравме за тоа како изгледа да се студира во Германија, но и за тоа колку е битно правилно да се избере соодветно училиште или факултет. Дилеми, се разбира, имал и тој.

- Не би им препорачал на средношколците да се одлучат за она училиште во кое планираат да се запишат повеќето од нивните другари бидејќи секој има различни потреби и не секој се стреми кон истата цел. Другарите ќе им останат другари и покрај тоа што учат во различно училиште - категоричен е Иван.

Ниту нему не му било едноставно да одлучи дали да остане да студира дома или, пак, да го избере Минхен. Но, клучно за одлуката било неговото учество на јазичен камп во Хановер, каде што универзитетот му оставил одличен впечаток и затоа одлуката паднала за Германија. Можел да избере меѓу два универзитета - во Ахен или во Минхен. Тој се одлучил за Техничкиот факултет во Минхен, кој е еден од најдобрите во светот, прворангиран факултет во Германија за електротехника и компјутерско инженерство, а 20. во светот во оваа област.

- На Техничкиот универзитет во Минхен сѐ е одлично средено, организирано и воопшто не е тешко за студент од странство да се вклопи. Сѐ е достапно на интернет, има одлична брза и флексибилна комуникација со професорите, асистентите и туторите... Сѐ е поставено со цел да му се помогне/олесни на студентот. Студентите добиваат низа поволности, попусти и сл. Сѐ е однапред познато и издефинирано, долго време пред роковите, така што на студентот останува само да ги користи ресурсите на ТУМ и да учи. Факултетот поседува одлична библиотека, речиси сѐ е достапно за студентите на интернет - вели Николовски.


Иван Николовски на својот факултет

Го прашавме колку неговото средно училиште му помогнало и му отворило врати по матурирањето.

-Да, и тоа многу... токму пред некој ден ова го дискутирав и со моите родители. ПСУ „Јахја Кемал“ имаше доверба во мене, бев нивен стипендист, го препознаа мојот интерес за техниката, во тој период преку математика и физика. Ме охрабруваа сите четири години да учествувам на сите нивоа на натпревари по физика, каде што најмногу се наоѓав. Имав огромна поддршка од предметните наставници по физика. Пред сѐ, ме научија логично да размислувам, да се вклопувам без никаков проблем во мултинационална средина, да ги прифаќам различностите, но и да ги препознавам сличностите... дури верувале или не - турскиот јазик ми користи и во Германија - вели Иван.
Младиот студент објаснува дека на неговиот факултет во додипломските студии има уште неколку Македонци, но дека се помногубројни македонските студенти на мастер-студиите, и тоа најчесто во областа на техничките науки.
Иван признава дека му недостигаат семејството и другарите од Македонија.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема