Електронскиот надзор на граѓаните во Кина достигна големи размери, а технологијата за препознавање лица е водечка во тоа поле. Полицајците ги скенираат патниците со очила за препознавање лица, властите ја користат технологијата за да ги набљудуваат националните малцинства, а сега оваа технологија доби нова мета - децата.
Едно средно училиште во градот Хангџоу, во источниот дел од Кина, почна да ја користи технологијата за препознавање лица за да ги следи учениците и да открие дали тие ја следат наставата.
Трите камери поставени над таблата во училницата се во состојба да следат и да препознаваат различни фацијални експресии: неутрална, среќна, тажна, разочарана, лута, исплашена и изненадена. На тој начин системот може да утврди дали децата се фокусирани на наставата. Кога ќе забележи дека нечие внимание е намалено, системот го известува наставникот.
Засега, системот е поставен само во една училница, но до летото би требало да биде поставен и во другите.
- Некогаш бев мрзлив, спиев и читав други книги на часовите што не ги сакам, но сега, откако се поставени камери во училницата, не се осмелувам да го правам тоа. Се чувствувам како некои мистериозни очи постојано да ме гледаат - вели еден од учениците.
Овој потег наиде и на критики, но директорот на училиштето сепак верува дека технологијата ќе помогне да се подигнат стандардите на
образованието.
- Тоа е исто како наставниците да имаат асистенти. Технологијата така може да го зголеми квалитетот на предавањето и на учењето. Некои тврдат дека со тоа се нарушува приватноста на ученикот, но камерите ги следат само нивните движења, а не ја снимаат активноста во училницата - истакна директорот Ни.