X
 23.05.2018 Култура

Закерберг пред ЕП: „Фала на прашањата, ќе испратиме некој да одговори на нив“

Основачот и главен директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, на сведочењето во Европскиот парламент, пред потесниот круг претседатели на клубовите и пратениците, се извини за неуспехот на компанијата.

1
Фото: Pixsell


Европскиот парламент го повика Закерберг да дојде и да ја објасни деловната практика на неговата компанија, особено во однос на заштитата на приватноста на корисниците и заштитата од злоупотреба, откако избувна скандалот со „Кембриџ аналитика“, компанија што злоупотребила милиони корисници на „Фејсбук“, нешто на што „Фејсбук“ воопшто не реагирал. Закерберг се извини поради ова, сведочеше пред Конгресот на Америка, беше повикан на сослушување и во британскиот Парламент (кое го одбил), а сега и во Брисел беше на сослушување во Европскиот парламент. „Фејсбук“ има повеќе корисници во Европа отколку во Америка.

За разлика од неговото сведочење во американскиот Конгрес, во Европскиот парламент претставниците на политичките групации прво поставуваа прашања, а на крајот го оставија Закерберг да одговара.

Многу пратеници го прашаа дали ќе се повтори скандал сличен на тој со компанијата „Кембриџ аналитика“ и дали станува збор за изолиран инцидент или само врв на карпата мраз, а некои прашања беа поврзани и со Општата одредба за заштита на личните податоци што ќе се применува од 25 мај.

Закерберг најмногу беше нападнат од Гај Верхофштат, шефот на клубот АЛДЕ, кој го праша дали ќе остане запаметен како еден од тројцата гиганти заедно со Стив Џобс и Бил Гејтс или некој што создал дигитално чудовиште што ја уништува демократијата.

Некои пратеници останаа незадоволни, сметајќи дека Закерберг не им одговорил на прашањата, вклучувајќи го и тоа за насоченото рекламирање, на што Закерберг рече дека ќе им испрати одговори.

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, го отвори состанокот и најави дека ќе биде готов околу 19:30. Истакна дека доаѓањето на Закерберг е знак на почит.

- Не сакаме да останеме без социјалните мрежи, но сакаме да ги заштитиме нашите лични податоци и безбедноста - изјави Тајани и нагласи дека особено треба да се внимава на заштитата на корисниците и на светот од тероризам, расизам, антисемитизам. Компаниите што управуваат со социјалните мрежи мора одлучно да дејствуваат.

Му го предаде зборот на Закерберг, а потоа секој претставник имаше 3 минути да му се обрати на Закерберг.

- Сакам да истакнам дека безбедноста на луѓето и нивните податоци секогаш ќе бидат над нашиот профит - изјави Закерберг и потсети на сето она што „Фејсбук“ го направи за да ја зајакне приватноста на корисниците по скандалот „Кембриџ аналитика“. Истакна дека досега истражиле илјадници апликации кои барале голем број податоци од корисниците и суспендирале повеќе од 200 такви апликации.

Закерберг вети дека во иднина „Фејсбук“ повеќе ќе вложува во зајакнувањето на безбедноста и приватноста на податоците.

Меѓу многуте прашања што му биле поставени на Закерберг, а на кои тој подоцна ќе одговори, се: Дали случајот „Кембриџ Аналитика“ е изолиран или само врв на мразот? Дали сите работи ќе се повторат по неколку месеци? Дали „Фејсбук“ е целосно подготвен за GDPR? Колку лажни профили биле избришани? Кои биле тие профили? Дали може да гарантира дека трета страна нема да биде вмешана во изборите за Европски парламент?

Претставникот од Велика Британија потсети на проблемот со следењето на оние луѓе што немаат „Фејсбук“ и праша како воопшто да се спречи „Фејсбук“ да не собира податоци за нив? И дали може луѓето што не се корисници на „Фејсбук“ да дознаат кои податоци се собираат за нив.

Претставникот од Франција го праша Закерберг дали може да престане да се извинува за грешките и да го поправи „Фејсбук“, како и колкава е вредноста на еден профил на „Фејсбук?“

Одговорите на Закерберг

- Многу прашаа за објавата на недозволената содржина. Да бидам јасен, за таква содржина нема место на нашата мрежа, но за да го постигнеме тоа, мораме да го промениме начинот на кој функционираме: Го започнав „Фејсбук“ во мојата студентска соба, тогаш немавме вештачка интелигенција. Нашата политика тогаш беше да им веруваме на корисниците за да ни го привлечат вниманието на недозволена содржина. Сега имаме алатки што можат да се приспособат автоматски да пребаруваат недозволена содржина. Нашиот алат може да означи 99 отсто од содржините поврзани со ИС и „Ал Каеда“ пред да добиеме некаква пријава. Истото се однесува и на булингот и самоубиствата. Сега ни требаат 10 минути да пронајдеме таква снимка и да ја отстраниме.

Зборуваше и за лажните вести.

Никој не ги сака лажните вести. Истражувавме и откривме 3 проблеми - првиот е спамот, што е економски мотивиран. Против тоа можете да се борите само како што се борат компаниите против спамот на е-пошта. Другиот се лажните профили што се шират на лажните вести. Развивме систем што идентификува лажни профили. Отстранивме повеќе од 500 милиони такви профили. Проценуваме дека моментално на „Фејсбук“ има 10 отсто лажни профили, и ќе се потрудиме да има уште помалку.  И на крајот има трета категорија - луѓе што со добра волја споделуваат нешто што ќе испадне лажна вест. Затоа ќе ангажираме луѓе кои ќе проверуваат дали овие вести се точни или не.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура