Постојат голем број статии за помладите генерации, технологијата и очигледната „намалена“ интелигенција. Но, и покрај тоа што сте го слушнале и прочитале, постојат многу докази дека луѓето денес се попаметни и подобро образовани од кога било.
Ова се некои од најдобрите примери.
Најпрво, дефинициите на истражувачкиот центар „Пју“ даваат објаснување за секоја група.
Тивките генерации се родените пред 1946 година, додека бумерите се родени помеѓу 1946 и 1964 година. Во меѓувреме, генерацијата „Х“ ги опфаќа родените помеѓу 1965 и 1980 година. Милениумците се родени помеѓу 1981 и 1996 година, а генерацијата „З“ се родените помеѓу 1997 и 2012 година.
1. Сè поголем број луѓе добиваат формално образование
Не само што повеќе луѓе имаат високо образование, туку и сè повеќе луѓе продолжуваат со каков било образовен период. Запишувањето во основно училиште драматично се зголеми во текот на минатиот век, а се зголеми и бројот на часови поминати на училиште. Светот е многу пообразован од кога било.
2. Од сите групи најголем број милениумци се одлучиле за високо образование
Според истражувачкиот центар „Пју“, бројот на милениумци што имаат факултетска диплома е околу 39 отсто од вкупната група, во споредба со 29 отсто од генерацијата „Х“ и 15 отсто од тивката генерација кога биле на иста возраст.
3. Генерацијата „З“, или постмилениумците продолжуваат на факултет со уште повисока стапка од милениумците
Споредувајќи го бројот на 18 до 20-годишниците на секоја генерација што се запишала на факултет, „Пју“ откри дека 59 отсто од постмилениумците се одлучиле за високо образование во 2017 година.
Во 2002 година само 53 отсто од милениумците го направиле истото и само 44 отсто од генерацијата „Х“ во 1986 година.
Фото: Shutterstock
4. Стапката на писменост е сè повисока
Глобалната стапка на писменост е зголемена во изминатите 50 години. Во 1960 година беше 42 отсто, а во 2015 година 86 отсто.
Иако писменоста останува проблем, забележан е експоненцијален раст во последните 50 години.
5. Нашата интелигенција е сè повисока
Општо земено, нашата интелигенција се зголемува уште од почетокот на 20 век со стапка од околу три поени на една деценија. Всушност, просечниот коефициент на интелигенција на луѓето денес, според стандардите од 20-тите години, нè прави попаметни од 98 отсто од населението во тоа време.
Вреди да се напомене дека овој пораст на интелигенцијата е жестоко дебатиран, а други истражувања покажуваат дека трендот на пораст сега се намалува во некои делови од светот.
6. Генерациите „З“ и милениумците сметаат дека постои врска меѓу човечката активност и климатските промени
„Пју“ објави дека повеќе од половина од генерацијата „З“ и милениумците сметаат дека климатските промени се проблем што се влошува со човечката активност.
Во меѓувреме, колку повеќе се враќате наназад генерациски, толку е поголема веројатноста да сретнете луѓе кои веруваат дека климатските промени се должат на природата и дека не постои доказ дека планетата станува потопла.
Да бидеме јасни, постојат непобитни научни докази дека климата се менува поради човечката активност.
7. Милениумците не сакаат да купат нешто што не можат да си го дозволат
Истражувањата од американските федерални резерви покажуваат дека милениумците трошат помалку пари бидејќи имаат помалку пари. Постојат неколку причини за тоа: постигнувањето зрелост за време на Големата рецесија, што траеше од декември 2007 до јуни 2009 година, било голем фактор. Зголемувањето на трошоците за здравство, образование и животот општо исто така играло голема улога.
8. Сè поголем број луѓе имаат пристап до интернет
Во 2018 година повеќе од половина од светската популација користела интернет. Иако не е јасно дали интернетот има директна поврзаност со интелигенцијата, пристапот до интернет може да обезбеди можности за учење, пристап до информации и можности за бизнис.
9. Луѓето се чувствуваат подобро информирани
Многу е кажано за добрите и лошите страни на социјалните медиуми и зголемениот пристап до вести и информации на интернет. Генерално, луѓето се чувствуваат повеќе информирани благодарение на интернетот. Всушност, 75 отсто од луѓето велат дека се поинформирани благодарение на
интернетот и нивните мобилни телефони.