Германски продуценти на видеа на „Јутјуб“ сакаат да ја тужат платформата затоа што се незадоволни од алгоритамот кој ги намалува нивните приходи од реклами, но сакаат и да бидат признаени како „вработени“ на оваа платформа.
Во петокот истече рокот што германската Унија на јутјубери и синдикатот „ИГ Метал“ ѝ го дадоа на видеоплатформата, барајќи подобри услови за работа за видеопродуцентите.
- Ако нема одговор, тогаш ќе мораме да ги затегнеме работите и да го зголемиме притисокот - истакна Роберт Фус од синдикатот пред да истече ултиматумот.
Сепак, од „Јутјуб“ одговорија во последен момент и сега треба да почнат разговорите.
Германските јутјубери и синдикатот и понатаму зборуваат за можноста за тужба, верувајќи дека платформата ги крши прописите за заштита на податоците и работничките права. Но, овде не станува збор за плата или право на одмор, туку за нетранспарентноста на „Јутјуб“ кога станува збор за алгоритми и поставување реклами.
Од работа од соништата до ноќна мора
Јерг Шправе на „Јутјуб“ се прославил на каналот „The Slingshot Channel“. Тој имал среќа и многу негови снимки станале многу популарни на интернет, па добро заработувал бидејќи повеќе кликови значеа повеќе пари од реклами. Но, пред две години „Јутјуб“ ги промени правилата на играта.
На компаниите што се рекламираат на платформата им беше понудено „пријателско опкружување“ во кое можат да ги пласираат своите реклами. Снимките што ги објавува Шправе се оценети како делумно насилни, па неговите приходи од реклами драстично опаднаа.
- Јутјубер е работа од соништата за многу млади лица - вели Шправе и додава дека сега тоа е ноќна мора бидејќи не е можно да се заработи за живот.
Затоа тој минатата година ја основал Унијата на јутјубери. На „Фејсбук“ групата има повеќе од 20.000 члена.
- Изгледа дека „Јутјуб“ веќе не сака независни јутјубери на својата платформа - вели Шправе.
Тој тврди дека снимките на обичните луѓе се цензурираат, се отсекуваат од реклами или се блокираат цели канали. Наспроти тоа, според него, медиумските концерни и славните лица се привилегирани.
Пред две години, токму кога „Јутјуб“ го промени алгоритамот за реклами, во Германија стапи во сила закон според кој на медиумските концерни им се закануваат милионски казни доколку релативно брзо не ги отстрануваат содржините што „веројатно се противзаконски“.
„Јутјуб“ - работодавец, а јутјуберите - работници?
Шправе, другите јутјубери и синдикатот сега бараат „Јутјуб“ отворено да објави врз основа на кои правила ги брише снимките или ги отсекува од рекламите.
Официјално „Јутјуб“ не им е работодавец на оние што објавуваат на платформата. Сепак, синдикалецот Фус гледа еднострана
зависност.
- Постои посредна условеност затоа што јутјуберите постојано се принудени да испорачуваат нов материјал бидејќи во спротивно преку алгоритмите ќе паднат во сенка - вели Фус.
Затоа синдикатот се заканува дека ќе го изведе „Јутјуб“ пред суд за да се провери дали станува збор за „привидна самостојност“, каква што е забранета во Германија. Таквиот однос настанува кога вработените наводно работат самостојно, како фриленсери, но всушност се зависни од еден работодавец.
Во најлош случај за „Јутјуб“, би морал ретроактивно да уплати здравствено и пензиско осигурување и јутјуберите, како и класичните работници, да бидат заштитени од неосновани откази.
Сепак, експертите мислат дека нема големи шанси за успех.