Доколку сте користеле компјутер или мобилен (а сите ги користиме секојдневно) веројатно сте запознаени со темната верзија на апликациите и програмите. Можеби и веднаш кога сте дознале дека постои таква верзија, сте се префрлиле на истата. Можеби и не сте и тоа ве натерало да се запрашате дали таа темна верзија воопшто прави некаква разлика за вашите очи. Како и во однос на многу нешта во науката, најбрзиот одговор е: можеби.
Многу фактори се во игра кога станува збор за светлината на вашиот екран. Помислете на промените кои може да се случат во текот на денот и на содржината која ја консумирате. Наутро, можеби дури и пред да изгрее Сонцето, вие веќе ги читате вестите. Тоа значи дека има темно опкружување и светол бел екран. Во текот на денот можеби работите на компјутер и пишувате во „Ворд“ на сосема бела светлина. А навечер тука е „Нетфликс“, темната позадина на вашиот екран и темното опкружување околу вас.
Овие околности имаат различна улога во однос на напорот кој го предизвикуваат за очите. Научниците обично нивното основно правило го земаат од вашата типична работа која ја работите кон средината на денот: бел екран, темен текст, светло опкружување. Така изгледаа повеќето наши екрани пред темните верзии. Кон средината на денот, кога светлината на опкружувањето е голема, темното на светло е идеално. Во една од неколкуте студии за ова истражувачите истакнуваат дека луѓето полесно читаат и повеќе помнат информации кога текстот е форматиран на овој начин. Контрастот го олеснува забележувањето на деталите, а авторите на студијата забележале дека повеќето читачи се навикнати да читаат темно на светло.
Друга причина поради која белата позадина го олеснува читањето е биологијата на човечкото око. Белата позадина ја спречува зеницата да се прошири и да пропушти повеќе светлина, што би го отежнало фокусирањето. Исто така, вашите очи може да реагираат на светли објекти на темна позадина, што може да го направи белиот текст на црна позадина да биде потежок за читање.
Во темна просторија нештата се поинакви. Бела позадина со црн текст изгледа како да создава поголем напор за очите, иако науката не е баш сигурна за ова. Иако ќе помислите дека вашите зеници ќе се стеснат кога ќе бидат преплавени од белата позадина на стандардна интернет страница, најмалку една студија утврдила дека тоа не е точно. Кога ќе споредите различни услови на светлина во простории, големината на зениците всушност помалку се менува кога луѓето гледаат во шема „темно на светло“ отколку кога гледаат во „светло на темно“. И како што веќе споменавме, поширока зеница значи полош фокус, па дури и во темни услови, може се уште да е подобно да се задржите на опцијата „темно на светло“.
Сепак, она што го кажува науката и она што го искусува јавноста се две различни нешта. Пред да биде претставена темната верзија, гејмерите имаа проблеми и болки во очите во темнината. Тие често користеа специјални очила и ставаа амбиентално светло зад екраните за белите позадини да не им бидат толку болни. Како што екраните станаа сеприсутни, остатокот од луѓето љубители на електроника, почнаа да ја бараат темната верзија.
Ако ги отворите вашите омилени интернет страници, ќе видите дека сите се наклонети кон верзијата „светло на темно“, но барем во светли простории, најдобро е вашите омилени страници да ви бидат подесени на најлесната верзија за вашите очи: темно на светло.
Користењето на темната верзија може да биде олеснување за болката во очите кога ќе ја користите во темнина. Само следете си го комфорот и вклучете ја светлината ако почнете да чувствувате
напор.