X
 23.07.2018 Здравје

Гответе го замрзнатиот зеленчук. Во Европа има листериоза

Сомнителната замрзната пченка и замрзнат зеленчук, произведени во фабриката во Унгарија, биле извезени од Унгарија во земји надвор од ЕУ

Гответе го замрзнатиот зеленчук и дома и кога ќе одите во странство, советуваат од Институтот за јавно здравје. Иако во Македонија нема увезен зеленчук од унгарската фабрика во чии производи беше најдена бактеријата листерија моноцитогенес (L. monocytogenes), епидемиолозите велат дека треба да бидеме внимателни. Во европски земји веќе три години има епидемии на листериоза. Почнувајќи од 17 јули 2018 година, беа повлекувани примероци на замрзната пченка и замрзнат зеленчук кои се извезувале во 107 земји и територии вклучувајќи ги и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора.



Фото: www.cdc.gov

Сомнителната замрзната пченка и замрзнат зеленчук, произведени во фабриката во Унгарија, биле извезени од Унгарија во земји надвор од ЕУ. Освен тоа, замрзнатите пченка и замрзнат зеленчук се дистрибуирани од Унгарија до неколку земји-членки на ЕУ, а потоа се дистрибуирани и во други земји.
Според Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), секвенционирањето на цел геном се користи за да се идентификува контаминираната храна, за која првично мислеле дека е замрзната пченка. Но, истите соеви на L. monocytogenes се откриени во замрзнат зеленчук, произведен од истата унгарска компанија во 2016, 2017 и во 2018 година. Ова укажува на тоа дека бактеријата опстанала и се размножува во преработувачката фабрика и покрај постапките за чистење и дезинфекција кои биле спроведени. Достапните информации ја потврдуваат контаминацијата во унгарската фабрика. Сепак, потребни се понатамошни испитувања, вклучувајќи темелно земање мостри и тестирање за да се идентификуваат точните точки на загадување на животната средина во унгарската фабрика. Истата препорака се однесува и на други компании што спаѓаат на истата комерцијална група, ако се открие контаминација на животната средина.

На 29 јуни 2018 година унгарската канцеларија за безбедност на синџирот на храна ја забранила продажбата на сите замрзнати зеленчукови и замрзнати мешани растителни производи произведени од засегнатата фабрика помеѓу август 2016 и јуни 2018 година, и нареди нивно итно повлекување и отповикување. Оваа последна мерка најверојатно ќе придонесе за намалување на ризикот од инфекции кај луѓето и ќе ја спречи појавата на болеста. Целата програма за замрзнати производи во фабриката е запрена.

Од 2015 година епидемија на инвазивна Listeria monocytogenes или позната како листериоза е во тек во пет земји-членки на Европската Унија: Австрија, Данска, Финска, Шведска и Обединетото Кралство. Заклучно со 15 јуни 2018 година, пријавени се 47 случаи, вклучувајќи девет смртни случаи (стапка на смртност од 19%).

- Листериозата е болест која настанува преку консумација на храна загадена со бактеријата Listeria monocytogenes. Високата стапка на смрт поврзана со оваа инфекција ја прави загрижувачка за јавното здравје.
Инвазивната листериоза е потешка форма на болеста и се јавува кај одредени групи од населението со висок ризик, а тоа се бремени жени, стари лица и доенчиња, лица со намален имунитет, како пациенти подложени на цитостатска терапија, СИДА и трансплантација на органи. Оваа форма на болест се карактеризира со тешки симптоми и висока стапка на морталитет (20% -30%). Симптомите вклучуваат треска, мијалгија (мускулна болка), септикемија, менингитис. Периодот на инкубација обично е една до две недели, но може да варира помеѓу неколку дена и до 90 дена.
Замрзнатите производи од зеленчук генерално се консумираат по термичка обработка, како што е готвењето, кое ја убива бактеријата. Сепак, не е невообичаено да се консумираат замрзнати зеленчуци без понатамошен третман (во салати, слатки итн.), со што се зголемува ризикот од појава на листериоза кај консументите.
- Затоа се препорачува правилно готвење на замрзнатиот зеленчук пред консумација бидејќи докажано ја убива бактеријата - стои во информацијата.
Инаку, од ИЈЗ наведуваат дека информацијата е споделена од ИНФОСАН - глобална мрежа за размена на информации за небезбедна храна и епидемии поврзани со храната, потврдена со експертски мислења од ЕЦДЦ и ЕФСА.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје