Земјите кои имаат силни права за жените имаат поголема веројатност да имаат подобро здравје и побрз раст од земјите што ги занемаруваат слободите на жената, открива неодамнешно истражување. Овој тренд е присутен дури и во сиромашните земји.
Истражувачите тврдат дека правата на жените често се занемаруваат и покрај тоа што многу делови од светот имаат реализирано добар економски напредок.
- Денес, вредноста на човековите права често се доведува во прашање од економска гледна точка. Сепак, нашите податоци наоѓаат дека, наместо да го ограничуваат напредокот, човековите права и женските економски и социјални права, придонесуваат за него - велат истражувачите.
Истражувањето исто така покажува дека правата на жените имаат поголемо влијание отколку само економските, социјалните, граѓанските и политичките права и откриваат дека постои директна врска помеѓу заштитата на правата на жените и подобрување на здравјето и одржливиот развој. Истражувачите ги разгледале базите на податоци што ги чувале информациите за здравјето, човековите права и економските и социјалните права за 162 земји во периодот од 2004 до 2010 година.
Генерално, нациите се поцврсти права на жените имаат подобро здравје од оние земји каде женските права биле скромни или слабо почитувани. Здравствените показатели вклучуваат превенција на болести како вакцинација, репродуктивно здравје, стапки на смртност и животен век. На крајот, истражувањето тврди дека родовата рамноправност не е само женско прашање, туку прашање за развој. Тоа откри дека земјите каде правата на жените биле соодветно заштитени, но пристапот до болнички кревети и доктори биле под просекот, здравствените резултати и понатаму биле подобри од просекот.
- Резултатите потврдуваат дека дури и со недостаток на ресурси, ако земјата има силна структура за чвекови права, здравствените резултати се подобри - велат истражувачите.
Истражувањето доаѓа по друго истражување за смртноста на децата што открило дека сексизмот го одложува вградениот биолошки опстанок на девојките. Истражувачите од Лондонскиот универзитет „Квин Мери“ откриле дека нивоата на нееднаквост меѓу половите во светот се поврзани со диспропорционалните стапки на смртност кај девојчињата под пет години.
Истражувањето покажало дека нееднаквиот третман на жените во општеството може да ја попречи природната биолошка предност што тие ја имаат над мажите за опстанок, бидејќи жените имаат тендеција да живеат подолго од мажите речиси насекаде во светот, а во некои земји, тоа го прават повеќе од една деценија.
- Колку е понееднакво едно општество, толку повеќе девојките се казнуваат во однос на нивните шанси за преживување особено во земјите со понизок среден приход. Потоа, родовата нееднаквост се задржува низ генерациите преку овие нефер шанси за преживување - вели водечкиот истражувач, д-р Валентина Гало.
- Поради сексистичката идеологија што ги вреднува момчињата над девојчињата, младите
девојки често се изложени на поголем ризик од смртност преку намалениот пристап до здравствени ресурси, како и преку зголемена изложеност на здравствени ризици - додава таа.