23.07.2021
Живот
Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов - добитници на Орден за заслуги
Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија ги одликува Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов и Ремзи Несими, постхумно, и Живко Мукаетов со Орден за заслуги.
Горан Стефановски постхумно се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во континуитетот и во осoвременувањето на книжевното културно наследство, за втемелување, развој и промоција на современите културни и уметнички вредности во земјата и меѓународно, за развојот на македонското драмско творештво и за воспоставување на основите на новите драматуршки форми во македонската книжевност, за збогатување и негување на македонскиот јазик и за воспоставување на новите модели во образовната и педагошката сфера.
Зафир Хаџиманов постхумно се одликува за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво, за богатиот и специфичен опус во сферата на музиката, компонирањето и вокалната интерпретација, за иновативните модели на промоција на традиционалните хармонии и специфики во македонската музика низ современи и популарни форми.
Ремзи Несими постхумно се одликува за неповторлив и траен придонес во филолошките науки од областа на дијалектологијата и промовирањето на јазичното богатство, за промоција, лингвистички развој и вкотвување на значењето на албанологијата во земјава и во светот воопшто, за исклучителна научна дејност која придонесува за обликувањето на стандардниот албански јазик.
Живко Мукаетов се одликува за континуитетот, иновативноста, визијата и беспрекорните професионални стандарди во современото корпоративно управување во фармацевтската индустрија, за докажаниот квалитет во производството на брендовите кои се градени, одржувани и осовременувани со генерации наназад, за инвестицијата во новите технологии и во едукацијата и експертизата на кадрите кои ги создаваат брендовите, како и за неговата филантропска култура и широка општествена одговорност.
Фото: pretsedatel.mk