X
 23.08.2017 Култура

Ајнштајновата теорија за брачна неверност

Ајнштајн бил брилијантен ум кој ги поставил идеите и теориите што ги променија светот и човештвото, но истовремено бил човек кој запросувал мајки и ќерки, се оженил со блиска роднина и уживал во сето тоа, без многу грижа на совеста. Заедно со Пабло Пикасо и Хулио Иглесиас се смета дека бил еден од најголемите љубовници на 20 век.

Алберт Ајнштајн, генијот кој бил роден во Германија, а починал во Америка, авторот на Теоријата на релативноста, е еден од најголемите научници во светот на сите времиња. Но оваа приказна ќе се обиде да ја открие другата страна на неговата личност, неговиот приватен и семеен живот, неговиот однос кон бракот, децата и сопругите.

На Денот на вљубените, Свети Валентин, 14 февруари 1919 година, Милева и Алберт Ајнштајн го потпишале разводот на нивниот брак. Двојката се запознала во текот на студиите по физика на Универзитетот во Цирих. Таа била петтата жена што била примена на оваа угледна образовна институција и првата жена што студирала физика. Во исто време таму студирал и 17-годишниот Алберт, младиот Евреин од Берн. Со тешка мака успеал да ги запише студиите, но бавно и сигурно напредувал. Двајцата студенти, кои биле воодушевени од  фактот дека можат да разговараат за тајните на научниот свет, почнале да се допишуваат. Во писмата за кои јавноста дозна дури во 1987 година се открива дека на почетокот разговарале за физиката и за нејзините закони, за на крај писмата да станат љубовни.

„Како можев досега да живеам без тебе, моја малечка светост? Без тебе јас немам самодоверба, немам страст за работа и желба за живот. Накратко, без тебе, мојот живот не е живот“, пишувал младиот романтичен научник.

Нивните семејства не ја одобрувале нивната врска, особено мајката на Алберт, која сметала дека три години повозрасната Милева, која не била Еврејка, не е вистинската прилика за нејзиниот син. И другата страна, семејството на строгиот австроунгарски офицер од Тител во Војводина, имала сличен став. Но, вљубените воопшто не се грижеле за тоа и во 1901 година заминале на романтично патување на езерото Комо во Италија, по кое Милева останала бремена. И затоа што Ајнштајн немал доволно средства за да се ожени со Милева, таа заминала кај родителите во Војводина каде што ја родила нивната прва ќерка.

„Дали е здрава и дали плаче како што треба? Каква боја ѝ се очите? На кого повеќе личи: на мене или на тебе? Кој ја храни? Дали е гладна? Толку ја сакам, а сè уште не сум ја запознал“, напишал Алберт во писмото што го испратил од Берн, на 4 февруари 1902 година, откако дознал за раѓањето на својата ќерка.

Се чини дека Алберт никогаш не го запознал своето прво дете. Судбината на девојчето, за кое се знае само дека го добило името Лизерл, е една од најинтригантните страници во животната приказна на славниот научник. Според една теорија, девојчето  било родено со Даунов синдром и починало на 15 септември 1903 година, но нејзиниот гроб не е пронајден.  Во секој случај, кога Милева му се придружила на Алберт во Берн, детето не било со нив. Според една верзија, кратко пред венчавката Лизерл се разболела од шарлах и починала, а според  друга – како вонбрачно дете била дадена на посвојување. Милева и Алберт се венчале во Берн на 6 јануари 1903 година, но нивниот брак не бил среќен. Милева никогаш не ги завршила студиите и поради тоа била депресивна, додека Алберт станувал сè поголема ѕвезда и сè почесто влетувал во вонбрачни врски. Во документите за разводот на бракот во 1919 година, како причина за разделувањето е наведено „природно меѓусебно неразбирање“. Нивното второ дете, синот Едвард, иако од раѓање покажувал вонредна бистрина и интелигенција, починал  во психијатриска установа во 1933 година. Кога во 1921 година Ајнштајн ја добил Нобеловата награда за физика, комплетниот износ ѝ го пратил на својата поранешна сопруга. Милева Ајнштајн починала во 1948 година во Цирих.

Во пролетта 1912 година Ајнштајн стигнал во Берлин, каде што живеел неговиот стрико Рудолф Ајнштајн, богат и угледен трговец со текстил. Му се допаѓала космополитската атмосфера во големиот град и неговото културно шаренило, и сметал дека таму секој може да го најде своето место. Набрзо потоа почнал врска со својата братучетка Елса, без оглед што не само нивните татковци биле браќа туку и нивните мајки биле родени сестри. Таа била три години постара од него и од милост го викала Алби. Елса била сосема различна од Милева, која била романтична душа, страдала поради неправдите во светот и сакала да го направи поубаво место за живеење. Елса била многу повеќе „на земја“, сакала домаќински работи и знаела добро да се грижи за сè што му е потребно на еден семеен дом. Била одлична готвачка, што многу му се допаѓало на Алберт. За разлика од семејството на неговата прва сопруга, кое никогаш не го прифатило, семејството на неговата љубов од Берлин дури го сметало за најпожелен избор за зет. Тоа што бил прв роднина со нивната ќерка не само што не им сметало туку и било посакувано во тоа време.

Родителите на Елса отворено го поддржувале Алберт во намерата да се разведе од Милева и да ја прифати нивната ќерка за сопруга. Како жена од високата класа, Елса била префинета елегантна жена, а и нејзините пријатели биле такви.

Во нејзиниот луксузен апартман што го добила во 1908 година по разводот од богатиот трговец Макс Левентал, Алберт се вселил во 1917 година, додека формално сè уште бил во брак со Милева. Во тоа време тој страдал од болки во ’рбетот, а  Елса успешно го негувала. Благодарен на таквото однесување, тој ѝ предложил брак.

Но Алберт не би бил Алберт ако претходно не ја запросел нејзината ќерка Илса Левентал, која едно време му била и секретарка. Куќата на семејството Ајнштајн во летото 1918 година навистина била „луда куќа“ кога станува збор за љубовните врски, што се потврдува и од нивните писма од тој период:

„Алберт е подготвен да се ожени со мене или со мојата мајка... Знам дека Алберт многу ме сака, можеби повеќе од кој било друг, и тоа ми го кажа вчера“, му напишала тогаш 20-годишната Илса на еден угледен берлински лекар од кого побарала совет за решавање на бизарниот љубовен триаголник.

Илса не се омажила за својот вујко Алберт, туку се омажила за новинар, кој подоцна ќе напише голема и значајна биографија на Алберт Ајнштајн, човекот кој на 2 јуни 1919 година се ожени со својата прва братучетка Елса.

Како и во првиот брак, почетната загреаност на Алберт за неговата љубов набрзо спласнала. Постојат индиции, се разбира непроверени, дека Елса и Алберт никогаш немале интимни односи и дека нивниот брак бил платонски. Елса совршено добро го знаела своето место во куќата. Се чини дека овој необичен брак им одговарал и на двајцата. Многу брзо по венчавката Алберт продолжил со своите брачни излети. Откако во 1921 година ја добил Нобеловата награда, жените полуделе по него.

„Тој влијаеше на жените исто како што магнетот ги привлекува железните струготини“, ја опишал ситуацијата еден негов пријател. Жените кои се викале Маргарета, Естела, Антонија или Етел, кои доаѓале од различни страни на светот, биле негови љубовници. Со нив читал книги, се шетал, посетувал концерти и одржувал интимни врски, главно во викендичката на Елса на периферијата на Берлин. Таа знаела за неговите афери, а ни самиот не се воздржувал јавно да зборува за нив, правдајќи се дека не може да се воздржи.

За Алберт Ајнштајн може да се каже што било, но никако и дека бил верен сопруг и поддржувач на конзервативните семејни вредности.

„Кога мажот сам ќе се присили да остане моногамен, тоа е горчливо овошје за секој инволвиран“, „советувал“ Ајнштајн една своја пријателка која во 1930 година му се пожалила дека сопругот не ѝ е верен.

Алберт Ајнштајн починал во 1955 година, од последиците на внатрешно крварење предизвикано од прскање на аортата. Наводно тој одбил да биде опериран со зборовите: „Невкусно е да се продолжува животот на вештачки начин“.

Извор: www.azramag.ba
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура