X
 23.08.2018 Култура

Филмската дива Клаудија Кардинале ќе шета по Широк сокак

Клаудија Кардинале, легендарната италијанска актерка и филмска дива, е лауреат на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, соопшти денеска раководството на фестивалот.

Таа ќе пристигне во Битола, каде што ќе ѝ биде врачена наградата. Фестивалот годинава ќе се одржи од 22 до 29 септември, а ќе бидат одбележани два филмски јубилеи: 100 години од раѓањето на големиот режисер Ингмар Бергман и 60 години од премиерата на македонскиот филм „Мис Стон“.

Клаудија Кардинале

Клаудија Кардинале е родена во Тунис во 1938 година. Имала намера да стане наставничка, но кога имала 19 години победила на изборот за најубава Италијанка во Тунис, освоила наградно патување на филмскиот фестивал во Венеција и го го добила првиот филмски ангажман. Станала позната во Италија по славниот филм „Роко и неговите браќа“ (1960) на легендарниот Федерико Фелини. Во својата богата кариера глумела покрај Марчело Мастројани, Франко Неро, Берт Ланкастер, Шон Конери, Рок Хадсон, Ален Делон, Енони Квин, Џон Вејн и Дејвид Нивен.

Кардинале во својата исклучително богата кариера има освоено над 35 награди и признанија на значајни светски филмски фестивали. Преклани официјалниот постер на филмскиот фестивал во Кан беше со нејзиниот лик. Таа е борец и активист за женските права и од 2000 година е амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура