X
 23.09.2023 Живот

Чешка почна да произведува пиво од воздух - горчливо е, а количините се ограничени

Пиварницата „Радегаст“ од покраината Моравија во Чешка пушти во продажба ограничена серија на пиво во кое не користеше ниту еден од достапните извори на вода, туку обичен воздух.

Пивото наречено „радегаст футур“ беше произведено во мала серија со цел да се подигне свеста за зголемениот недостиг на вода во Чешка.

Користејќи иновативна технологија, успеале да направат пиво исклучиво од кондензирана влага од воздухот.

Ова пиво, кое според извештаите се карактеризира со изразен горчлив вкус, е произведено во само 200 литри и ќе биде дистрибуирано на специјални настани. Компанијата „Радегаст“ ги произведува најпопуларните пива во Моравија. Со овој потег компанијата се обидува да го насочи вниманието на приказната за водните ресурси и прави одлична реклама. Целата процедура беше успешна благодарение на технологијата за собирање вода развиена од чешката компанија „Карбокс“. Првичната цел на нивниот уред е да ја извлече влагата од воздухот за да обезбеди вода за пиење во сушните региони во светот.

Во сувите области овој метод може да произведе до 30 литри вода дневно, а во поумерена клима од 50 до 70 литри. Користењето на влагата од воздухот се смета за безбеден начин за зачувување на водата, ресурс за кој се предвидува дека ќе стане сè повреден во иднина.

Водата е една од главните состојки на пивото. За производство на еден литар во просек се потребни околу 4,5 литри вода. Чешкиот просек е нешто помал, околу 3,5 литри, а „Радегаст“ може да се пофали со една од најниските стапки на потрошувачка на вода за пиво: успева да произведе еден литар пиво од само 2,29 литри вода.

Според извештајот на Европската комисија и ОЕЦД, Чешка се смета за земја на која ќе ѝ недостига вода. Годишните обновливи водни ресурси по жител изнесуваат околу 1.234 кубни метри, што е значително под просекот на Европската Унија, кој е над 10.000 литри. Земјата главно се потпира на мешавина од подземни и површински води, при што 26 отсто од нејзините потреби се задоволуваат од трите меѓународни реки што течат низ земјата. Со оглед на големите земјоделски површини и забрзаниот економски раст, се предвидува дека земјата може да се соочи со проблеми во годините и децениите што доаѓаат.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот