X
 25.08.2023 Живот

Зошто системот на одржливо растително производство - sustainable agriculture?

Нужно е да се зголеми одржливоста во нашите производни системи, при што основното прашање е каква стратегија треба да се усвои за да се подобри таа одржливост. Таа би требало да биде втемелена на три фундаментални елементи: надзор, знаење и дејствување во уважување на меѓусебните односи на тие фактори, затоа што со ниту еден од нив посебно не може да се постигне одржлив развој. Оттаму, ова е стратешко прашање непосредно врзано со опстојувањето на идните поколенија и нужно е да им се даде поголем приоритет на истражувањата во земјоделството, во производството на храна и на околината во периодот што доаѓа...

Еколошката неефикасност на интензивното земјоделство претставува основен проблем кој го доведува во прашање тој концепт. Проблемите нараснале до такви димензии што клучното прашање за развој на светското земјоделство денес и утре претставува барање алтернатива на интензивното производство. Потребно е да се втемели системот на стопанисување во земјоделството што ќе ја одржи плодноста на почвата, ќе ја намали зависноста на земјоделското стопанство од надворешните инпути и ќе го намали загадувањето на околината, а истовремено ќе ги достигне трендот и нивото на пораст на производството на агроекосистемот, затоа што, како што е речено претходно, за да се подмират потребите од храна на денешното ниво, кои сѐ уште глобално се на незадоволително ниво, во следните 50 години треба да се произведе количина на храна која е произведена во претходните 8.000 години! Ни малку лесна задача затоа што, без никакво сомневање, тоа не е можно без зголемување на производните површини, имајќи предвид дека тие можности се ограничени и главно искористени. Според тоа, гледајќи глобално, зголемувањето на производството на единица површина нема алтернатива. Но, од друга страна, ако тоа зголемување се постигне на денешниов начин со практикување на концептот на интензивно земјоделство, односно без промени во правец на одржливост на системот, проблемите со околината би достигнале ниво од кое не би било можно да се решат.

Главните причини за деградација на околината од агроекосистемот се последица на тесната специјализација во производството и воведувањето на индустриското производство, односно технологија која со себе носи соодветни решенија во обработката на почвата, ѓубрењето и заштитата на растенијата. Во растителното производство се користат енормни количини на пестициди и ѓубрива, особено минерални. Органските ѓубрива се потиснуваат, некаде и се напуштаат (на специјализираните стопанства тие се во надлежност на сточарите), а проблемот воопшто не ги засега поледелците, каде што почвата десетици години „не видела“ арско ѓубре или компост. Сточарите потајно го испуштаат ѓубрето во водотеците, предизвикувајќи помор на рибите, а почвите „гладуваат“ за органски ѓубрива.

Затоа, производството и еколошките прашања мора да се анализираат заедно на начин на кој на сиромашните во светот ќе им се даде надеж и ќе им се обезбеди иднина на поколенијата што доаѓаат. Развојот мора да биде одржлив. Почвата мора да се обработува за храната ефикасно да се произведе. Идеалната цел на нашата работа е висок принос и зголемена продуктивност, без загадување на околината и слабеење на основите за идното производство.

Во Европа вниманието се насочува кон проблемите на загадувањето поврзани со земјоделството кои произлегуваат од постојаниот пораст на количините применувани ѓубрива, сѐ понагласената монопродукција или стеснување, односно регресија на плодоредот во ораничното производство, со што се зголемува ризикот од ерозија и се зголемуваат барањата во однос на пестицидите, како и наглото растење на потрошувачката на фосилни горива во земјоделството.


Проф. д-р Звонко Пацаноски

Од наведениве фактори, кои отвораат сѐ поголеми еколошки и ресурсни проблеми во земјоделството, ќе се открие дека поголемиот дел се идентични со оние исти фактори што го објаснуваат порастот на производството. Ќе биде потребно одредено време за да се сврти правецот по кој тргнал досегашниот развој. Имено, постои тесен однос помеѓу растот на производството и проблемите на околината. Пред нас е предизвикот тој однос да го направиме поповолен. Нужно е да се зголеми одржливоста во нашите производни системи, при што основното прашање е каква стратегија треба да се усвои за да се подобри таа одржливост. Таа би требало да биде втемелена на три фундаментални елементи, т.е. надзор, знаење и дејствување во уважување на меѓусебните односи на тие фактори, затоа што со ниту еден од нив посебно не може да се постигне одржлив развој. Оттаму, ова е стратешко прашање непосредно врзано со опстојувањето на идните поколенија и нужно е да им се даде поголем приоритет на истражувањата во земјоделството, во производството на храна и на околината во периодот што доаѓа, имајќи предвид дека технолошките и производните системи не се покажале одржливи таму каде што настанале.

Што нѐ очекува во иднина? Да се обидеме одговорот на тоа прашање да го парафразираме на некој од современите погледи на проблемот, т.е. на идното користење и начинот на стопанисување за одржливо растително производство. Обработката на почвата условила големи промени во еколошки поглед, од состојба пред која почвата е потполно заштитена со вегетација до состојба на гола почва кога таа е потполно изложена на климатските сили во еден дел од годината. Едногодишните култури бараат редовна обработка на почвата, при што зголемената минерализација на органската материја и губењето на плодноста на почвата поради ерозијата, промивањето и другите деградациски процеси остануваат проблем кој треба да се решава во рамките на одржливото производство на храна. Гледано ретроспективно, предуслов за втората земјоделска револуција била Индустриската револуција и порастот на населението во Европа. Тоа е време на цврсти плодореди, особено во Англија, и во некои кругови тоа се сметало за ера на еколошко земјоделство и еколошки рамнотежен систем. Сепак, ни тој систем не бил потполно во рамнотежа. Третата револуција во земјоделството отпочнала по Втората светска војна. Се нарекува уште и хемиска револуција, а се карактеризира со зголемен пораст на приносот со помош на агрохемикалиите и другите вложувања, изразено намалување на човековиот труд и замена на запрежната сила со механизација. Потрошувачката на енергија во форма на ѓубрива, пестициди, механички сили, наводнување и дренажа се зголемила неколку пати. 

Оттаму, хемиската револуција покренала сериозни прашања за околината, еколошката рамнотежа и одржливоста. Сегашниот развој во земјоделството би можел да се означи како четврта земјоделска револуција или биолошка револуција. Развојот на биотехнологијата, генетскиот инженеринг и информациските технологии претставува силно орудие за нова форма на земјоделството во која потрошувачката на агрохемикалии мора да се намали, а со самото тоа и трошоците на единица површина и производ.

Поради исполнување на крајната цел која со утрешницата на земјоделството треба да се постигне, ќе назначиме само некои размислувања околу поимот „одржливост“ во научните кругови. Тој поим донекаде се изедначува со капацитетот на подносливоста или, во општи поимања, со доброто стопанисување. Тоа е способност на системот да ја одржи продуктивноста и покрај големите пречки што можат да бидат предизвикани од силни стресови или големи пертурбации, и тогаш кога е изложен на надворешни стресови или шокови. Консултативната група за меѓународно истражување во земјоделството го дефинира тој систем како успешно стопанисување со земјоделските ресурси за да се задоволат променетите човекови потреби со истовремено одржување или зголемување на квалитетот на околината и конзервацијата на природните ресурси.

Доброто стопанисување би морало да се заснова врз поуката „остави го имотот на следното поколение во подобра состојба отколку што си го наследил“. Анализирајќи го светот во целина, мнозинството од земјоделската цивилизација не преживеало повеќе од 30 поколенија поради деградација на почвата, иако постојат добро познати исклучоци покрај речните долини и на вулканските почви.

Би можело да се каже дека продуктивноста е основа на одржливоста. Но, ако не се вклучи концептот екологија, етика и непристрасност, концептот на одржливост не би можел да се опише доволно со помош на продуктивноста.

Се смета дека идната физиономија на земјоделството треба да ги дефинира производните единици засновани врз природниот производен потенцијал со регулиран интензитет на хидротехнички и агротехнички инпути, кои се темелат на ризикот на губење на почвата и хранливите материи и конзервациските единици за фаќање на подвижните ресурси и за самочистење на површинските и дренажните води.

Во светски размери во стопанисувањето со почвата, во смисла на одржливост, постојат некои веќе разработени и проверени системи кои не се универзални, туку носат печат на регионалност. Сепак, треба да се каже дека постои општа потреба за разработка на диференцираните системи на стопанисување со почвата и владините субвенционирани системи кои мерките за конзервација би ги направиле атрактивни за производителот. 

Постојат и некои други можности, помеѓу кои, една од главните - продорот за конзервација на почвата, оди преку генетскиот инженеринг. Имено, одржливоста може да биде постигната со методите на генетскиот инженеринг, доколку тие методи се користат за производство на повеќегодишни житни култури кои би можеле да дадат високи приноси без редовна обработка на почвата и сеидба. Понатаму, енергетската продуктивност при ниски вложувања во растителното производство е општо поголема отколку во интензивното земјоделство. Со трансферот на способноста за биолошко врзување на азотот во главните житни култури би можело да биде разбирливо очекувањето во идното облагородување на растенијата, како и повеќегодишните житни култури. Последново би било голем придонес во намалувањето на ерозијата на почвата.

Во современото земјоделство постојат истовремено три парадокси: вишок производи во однос на неисхранетоста, технолошки напредок спрема нискиот приход и субвенционирање на земјоделството спрема земјоделството изложено на законите на слободниот пазар. Развиениот свет ја дочека четвртата револуција со проблемите на хиперпродукција на храна. Таа е резултат на големите вложувања во одводнувањето, кое во некои земји практично ги елиминира хидроморфните почви, но и мочуришната вегетација, потоа во наводнувањето како мерка која отвора широк простор за избор на производната програма. Предуслов за стабилен развој е вложувањето во уредувањето на почвите, но со потополно уважување на оние искуства кои во развиениот свет не добиле преодна оценка. Практичните решенија за одржливо стопанисување со почвата треба најнапред да се базираат на начелата на интегрално земјоделство, потоа со егзактните научни методи да се отвори пат кон практична примена.


Факултет за земјоделски науки и храна – Скопје

Само науката, и тоа на темелите на егзактните показатели до кои во одреден дел допрва треба да се дојде, може да даде сигурни одговори на многубројните отворени прашања на стопанисување во земјоделството на утрешнината, за навистина да го носат епитетот одржливи.

Автор: проф. д-р Звонко Пацаноски, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот