X
 25.08.2025 Живот

Работењето во недела е штетно за благосостојбата на човекот, покажува швајцарско истражување

Швајцарската група „Алајанс фор сандеј“ нагласува дека овој посебен ден од неделата не смее да се жртвува за краткорочни економски интереси. Таа го истакнува истражувањето на Универзитетот во Берн, кое покажува дека работењето во недела е штетно за благосостојбата, особено кај жените.

Истражувањето го спровел Интердисциплинарниот центар за родови студии при Универзитетот во Берн. Заклучокот е дека работењето во недела има негативно влијание врз физичкото, менталното и социјалното здравје, особено кога е ограничена флексибилноста во работното време.

Во моментов жените, мигрантите и лицата со несигурни работни позиции опфаќаат поголем процент од оние што работат во недела. Жените, пропорционално, почесто работат во недела (17,3 отсто) отколку мажите (14 отсто), и покрај зголемувањето на стапката на учество на трудовата сила. Тие почесто се вработени во сектори со висок процент на работа во недела, како здравство, угостителство и трговија.

Исто така, кај жените е поголема веројатноста да се погодени од несигурни работни услови, вклучително и ограничена можност за самостојно одредување на работното време.

Според истражувањето, здравствените последици се движат од нарушувања на спиењето до кардиоваскуларни болести и депресија. Немањето одмор во викендите го зголемува ризикот од емоционално исцрпување. Работењето во недела влијае и врз социјалните ритуали, како религиозни служби, семејни собирања и спортски настани.

Во Швајцарија работата во недела генерално е забранета и се дозволува само со посебна дозвола за сектори каде што е неопходна.

Во моментов се разгледуваат планови за олеснување на законот за работа во недела.

Извор: Swissinfo.ch
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот